Интеграцијата на нашата земја во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) покажува дека не само финансискиот систем во земјава, туку и целокупната економија е подготвена за предизвиците што ќе произлезат од делувањето во заедничката европска рамка. Ова е историски исчекор кон подлабока европска интеграција, што носи реални придобивки за граѓаните и за компаниите за сегашните, но и за идните генерации, рече гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во своето обраќање на отворањето на Шеснаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера“ што денес и утре се одржува во Охрид.

Потсети дека на 7 октомври годинава, банките од нашата земја, заедно со Албанија, Црна Гора и Молдавија, започнаа со извршување трансакции преку СЕПА, што претставува конкретен чекор кон финансиска и економска конвергенција со Европската Унија.

Со приклучувањето на земјава во географската област на СЕПА, нашите граѓани и компании веќе ги чувствуваат придобивките од делувањето во единствениот европски платежен простор, во кој плаќањата во евра се побрзи, побезбедни и поевтини, што, пак, на долг рок ќе им овозможи посилни економски врски и полесен пристап до европскиот пазар и до финансискиот сектор. Според процените на Светската банка, постигнувањето на светската цел за намалување на трошоците за дознаки на 3% би придонесло за заштеда до 500 милиони евра годишно за граѓаните во регионот. За компаниите, особено за малите и за средните претпријатија, СЕПА носи значителни заштеди и овозможува поголема предвидливост на трошоците при прекуграничните трансакции, истакна Славески.

Најави дека следниот стратегиски чекор на Народната банка ќе биде воспоставување нов систем за инстант плаќања според стандардите и правилата за работа на европскиот систем ТИПС, што воедно е регионална иницијатива за поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан и нивна интеграција со европскиот инстант платен систем.

Со помош на инстант системите, плаќањата ќе станат уште побрзи и достапни во секое време, со што ќе се намали употребата на готовина и ќе се намали сивата економија. Ова пак, ќе ги поттикне растот и развојот, рече гувернерот.

Севедоци сме на темелни промени во начините на кои се вршат плаќањата, процесирањето на плаќањата, дигитализацијата, иновацијата и глобализацијата, а оваа конференција овозможува размена и соработката меѓу европските земји, истакна во обраќањето директорката на Секторот за плаќања од Централната банка на Холандија, Инге ван Дијк.

Преку оваа конференција се поврзуваат земјите во регионот во најмодерна инфраструктура за плаќање. Таа претставува многу важен чекор во интегрирањето на интернет плаќањата и затоа претставува мост за прекугранична соработка во придвижувањето на иновативни решенија. Утрешната сесија ќе се посвети на дигитални плаќања, нови начини на плаќање, сите се критични теми коишто вклучуваат развивачки начини на плаќање. Иновативните, робусни плаќања се од суштинско значење за економска отпорност. Ние сме подготвени да продолжиме со придонесот кон вашите иницијативите за плаќање, потенцираше Дијк.

На Конференцијата се обрати и генералниот директор на Европскиот совет за плаќања, Џорџо Андреоли кој посочи дека со приклучување на Албанија, Молдавија, Црна Гора и Северна Македонија кон СЕПА бројот на членови се искачил на 41 и истите учествуваат со единаесет провајдери за плаќање.

Во случајот на Молдавија дванаесет, десет од Црна Гора и Северна Македонија и слободно можат да разменуваат трансакции преку нашиот систем. Очекуваме и други земји да се приклучат во СЕПА, наскоро и Србија. Во мај месец 2026-та година и други балкански земји, а можно е и Украина. Задоволни сме што примаме нови земји како дел од нашето семејство и што имаме нивна инклузија во Европската евро зона. Електронски плаќања на Балканот на европско ниво, тоа ни е обврска за корист на фирмите, на граѓаните, провајдерите и јавните и приватните чинители. Процесот не е завршен, туку само што започна, сите понови земји кои се нови членки во СЕПА имаат план да почнат со плаќања од 2026-та година. Новите членки имаат единствена можност да почнат директно кон развој на инстант плаќања. Овие инстанти плаќања како дел од инфраструктурата во некои случаи веќе постојат и истите можат да се зајакнуваат и да станат отпорник за плаќања кон Европската стратешка зона, додаде Андреоли.

Во продолжение на Конференцијата се одржуваат панел-дискусии посветени на интеграцијата во СЕПА, инстант плаќањата, финтек-иновациите и улогата на довербата во дигиталната ера, со учество на претставници од Светската банка, Банката за меѓународни порамнувања, Европската комисија, Европскиот совет за плаќања, како и на гувернери на централните банки од регионот.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска