Предворје на црква Св. Софија

Од 23.07.2022 - 20:00 до 23.07.2022 - 22:00

Компилација од дела што одликуваат четири базични емоции и тоа среќа, љубов, тага и радост преточени во боја, навидум реални, но истовремено и имагинарни композиции, ќе бидат дел од самостојната изложба на слики под наслов „Сликам со тебе приказна од душата“ од Наташа Попоска Карче во рамки на програмата на „Охридско лето“.

Уметноста може да ни го открие светот на возвишените чувства, мисли и страсти. Да можев да и завртам грб на секоја мисла која демне и чека да ја обојам, тогаш не би настанале овие дела. Секое од нив носи своја микро приказна од морето на животот и остава свој печат во вечноста, вели Попоска Карче.

За неа како уметник најважен е моментот кој е прикажан на сликата, а импресиите ги остава на индивидуата. За Охрид ќе рече дека градот е уметност сам по себе, но сепак треба да се изнајде начин како да се доближи уметноста до луѓето.

Со голема љубов, Попоска Карче зборува за своите слики изработени во техника масло на платно, на кои најзастапени се пејсажите.

И во рамки на изложбата закажана на 23 јули во 20 часот во предворјето на црквата Св. Софија ќе бидат изложени „Неименливиот недостиг“-50×50 масло на платно, „ИСПЛОВЕНА ПРИКАЗНА“ -80×45 масло на платно, „Почувствувај …. ЖИВОТ“ -100×100 масло на платно.

Пејзажите, реални и имагинарни се нејзина особена пасија. Следејќи го сопствениот творечки порив за освојување нови внатрешни и интимни духовни хоризонти, создава дела со силна емотивна експресија.

Нејзината прва изложба насловена како „Четири годишни времиња“ се случува во 2016 година, а само три години подоцна во 2019-та забележува свој настап на престижната манифестација „Охридско лето“ со изложбата „Бранови и мисли“.

Зад себе има неколку самостојни и групни претставувања во С. Македонија и во странство.

Д-р Наташа Попоска – Карче е родена во 1972 година во Охрид. По професија стоматолог, со сликање започнува активно да се занимава во 2013 година.

OhridNews