„Приказна за светите простори” е насловот на изложбата од охридскиот сликар Јордан Манасијески  која во петокот беше отворена во Куќата на Робевци. Оваа изложба е трета по ред  која авторот ја отвора во родниот Охрид, покрај претходните две во 1990 и 1996 година.


 
Лупчо Жупаноски, колекциониер и сопственик на галеријата ,,Букефал” се обрати пред присутните, издвојувајќи ги најзначајните моменти од успешната соработка на Манасијески со светските салони и уметнички центри.

„Во  2009-та год. Манасијески ја доби специјалната  награда за цртеж на Светската галерија за цртеж „ОСТЕН”. Во 2010-та година на покана на Салонот „Големите ѕвезди на утрешнината“ кој се одржува во Музејот „Лувр”  во Париз  ја изложи сликата “Молитва за радоста” за што доби  специјална награда од Јапонската асоцијација за современа уметност.  Една од  неговите најпознати слики е „Визија за радоста” со која го освои жирито на Осмото интернационално Биенале  во Фиренца во 2011. Истата година  изложуваше на “АРТЕЏ” во Њујорк со сликата “Пријатели на светлината”, како и на Добротворната изложба за децата кои ги загубија родителите во  цунамито во Јапонија. Речиси секоја недела стигнуваат нови мејлови од познатите светски салони и галерии кои ја следат неговата творечка дејност и се исклучително заинтересирани за неговото творештво.”– рече Жупаноски.


За творештвото на Манасијески се осврна проф. д-р Владимир Величковски, професор по историја на уметност на Филозофскиот факултет во Скопје.
 
„Во експресионистичкото сликарство  на овој голем уметник може да се согледа ослободување од робувањето на реалноста  со  изграден ликовен ракопис при што е очигледна неговата сликарска широчина без оглед на мотивите и амбиентите на сликите, благодарение на неговата интимна односно внатрешна еволуција. Ретко кој сликар може да се пофали со ваква креативна еволуција во творечкиот чин. Една ваква изложба е вистински херојски чин бидејќи тој апсолутно успеал да се надмине себеси.“– истакна Величковски.


Професорот Величковски  дополни  дека творештвото на Манасијески може да се перцепира од повеќе аспекти и присутни се, како што  рече,  различни пристапи и мотиви, експериментирање со изразот, но главно се состои  од два амалгами или принципи: 

„Неговиот реалистичен пристап со интензивна боја и  буен потег  кој продолжува во правец на лична експресија каде преовладуваат симболизмот  и  импресионизмот при што стигнува до ниво на ослободување од предметното што зборува дека Манасијески работи главно со  бојата за изразување на неговата сликарска реалност”- рече Величковски. 


За својот нов циклус , сликарот Манасијески ќе рече „Јас сум неуморен во потрагата по нови светови и димензии и го чекам вистинскиот момент за изложување на моите дела, кога длабоко во мене ќе почувствувам дека дошол токму тој момент. Но и покрај сите покани однадвор, најсреќен сум што вечерва изложувам во мојот роден Охрид после цели 17 години кој инаку за мене е центар на духовноста.”


Присутните љубители на уметноста беа видно задоволни од творечкиот опус на Манасијески и  уживаа повеќе од предвиденото време  со сликите во кои провејува радоста, ведрината и оптимизмот благодарение на боите на сончевиот спектар кои преовладуваат на неговото платно. Сликите ја отсликуваат  експресионистичката димензија, а пред се духовниот растеж на  авторот  од чија четка  произлегуваат ноти на радост,  дури и во најмрачните простори од човечката душа. Секоја негова слика е приказна сама за себе за која како што рекоа присутните  се потребни часови, па дури и денови за да се открие вистинската суштина  и значењето на она што е претставено на нив. 


„Овие дела се непроценливо богатство, едноставно се  бесценети. Охрид може да биде горд што го има Јордан Манасијески и тоа не само Охрид, туку и светот кој веќе има чуено за неговото инзвондредно сликарство и може слободно  да се каже дека тој е повеќе познат во странство, отколку дома. Таков голем уметник и  човек ретко се раѓа,  а толку скромен што е негова најголема доблест.”

„Ова е навистина вечер за паметење. Не сакаме да се одвоиме од сликите, едноставно ги доживуваме како терапија,  вистински мевлем за душа. Она што го поседува Јордан како потенцијал е нешто надчовечко и недостижно, толкава духовност просто е неверојатна. Во неговите слики има толку многу љубов и жива вера, струи толку многу позитивна енергија која прави комплетно  да заборавите на мрачните моменти и  човечката злоба , како и на духовнте и морални кризи.“
 
„Гледајќи ги сликиве човек може да се роди одново. Ваква божествена убавина е вистински раритет и рај за очи, магија која едноставно ве опива.”
– беа коментарите на дел од  големиот број вљубеници во творештвото на Манасијески.

Јордан Манасијески е роден во Охрид на 12 септември 1948 година. Дипломирал ликовна педагогија во 1969 година во Скопје.

Ивана Чичоска