Во периодот од 22 септември до денес во паркот Дора, Торино, Италија, на павиљонот на „Слоу Фуд Македонија“ се одржа богата програма, а како дел од делегацијата присуствуваа и дел од членовите на „Слоу Фуд Охрид“ кои го претставија својот конвивиум со комбинирање на производи од наши локални производители.
Сите пет дена, како дел од Алијансата на готвачи од Слоу Фуд Македонија, готвачите Пеце Клечкароски и Димитар Арнаудоски, како дел од охридската екипа, целодневно беа задолжени за креативни новитети и експериментални доживувања. Наташа Неданоска и Христијан Неданоски како претставници на домаќинска куќа „Пирустија Неданоски” одржаа работилница за подготовка на охридски комаТ- „Учиме да сучиме” на која со посетителите на штандот успеаја да ја пренесат оваа традиција. Истиот ден се презентираше и служеше планински чај од Галичица, слатко од охридски цреши, бели и црни, како и макало од лук на Папас, велат од „Слоу Фуд Охрид“.
Во текот на работилницата, додаваат, се пееја македонски песни, како „Сношти сакав да ти дојдам”, „Ој ти момче, охриѓанче” и „Македонско девојче”, потенцирајќи дека целата атмосфера изобилувала со позитивна енергија со луѓе од најразлични краеви на светот.
Слоу Фуд Охрид на Тера Мадре во Торино
Акин Сезер од „Sezer’s Organik farm” заедно со Пеце Клечкароски од „Леска” имаа свое изложување како иновативни производители со нови креативни производи во делот „Алхемија на вкусовите”. Покрај макалото од лук со артичока, тука е и слаткото од чери домати, лутеница со халепено ајвар на Сезер, како и досега неименуваните слатки и солени алхемиски смеси на виртуозот Пеце. Низ многуте производи се провлече и одличниот вкус на „Ладно цедено масло од лешник” на фамилијата Перески, додаваат.
Инаку, на овој огромен настан учествуваа 700 изложувачи и 3000 делегати од 130 земји. Целата програма на охридскиот павиљон фотографски беше поддржан од Акин Сезер.
OhridNews


















