Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ја прими Андреја Катиќ, министер за одбрана на Република Словенија, која престојува во официјална посета на Република Македонија.

 

Претседателот Иванов изрази задоволство од севкупните билатерални односи меѓу двете земји и ги поздрави напорите за проширување на билатералната соработка на полето на одбраната, како и јакнењето на меѓуармиската соработка помеѓу Република Македонија и Република Словенија.

Македонскиот претседател изрази благодарност од досегашната отворена и безрезервна поддршка од Република Словенија во однос на македонските аспирации за членство во НАТО и промовирањето на нашата кандидатура, како и за досегашната принципиелна поддршка во процесот на европската интеграција на Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења околу развојот на случувањата во однос на мигрантската и бегалската криза, како и за безбедносните предизвици на земјите од Југоисточна Европа. Македонскиот претседател изрази задоволство од интензивните контакти помеѓу министерствата, армиите и другите надлежни служби на двете земји, со цел превенција и менаџирање со мигрантската криза и преземање на заеднички мерки во услови на евентуален нов мигрантски бран на Балканската рута. Воедно, претседателот Иванов за заблагодари за досегашната поддршка од Република Словенија при справувањето со мигрантската криза, како и за присуството на словенечката полиција на македонско-грчката граница.

 

Двајцата соговорници изразија задоволство од соработката во повеќе сегменти на одбраната, размената на искуствата и поддршката во реформите и трансформацијата на одбранбениот сектор согласно барањата од НАТО Алијансата. Исто така, од страна на претседателот Иванов беше искажан интерес за зголемување на учеството на АРМ во операции предводени од ООН преку заедничко учество со Вооружените сили на Република Словенија.

OhridNews