Словенечка компанија е заинтересирана да го гради малиот затворен пливачки базен во Охрид, информираат од Локалната самоуправа.
-Градоначалникот Петрески водеше разговори со позната компанија од Република Словенија која е заинтересирана да инвестира во изградба на затворен пливачки базен во Охрид. Оваа компанија, чие име ќе биде обелоденото по завршувањето на преговорите за инвестирање, е една од најмоќните и најискусните во овој дел на Европа, велат од Локалната самоуправа.
Според првичните оценки на градоначалникот Петрески, постојат сериозни шанси за реализација на овој проект, со што Охрид ќе има отворен и затворен базен. Тоа, според него, е првиот услов да се врати сјајот на охридското пливање и да се збогати понудата за развој на спортскиот туризам.
Неодамна со средства на Локалната самоуправа беше реновиран и ставен во употреба отворениот олимписки базен во спортскиот центар „Атина Бојаџи“, кој не работеше речиси две децении. Во таа прилика градоначалникот на Охрид најави дека општината со сопствени средства ќе започне изградба на мал 25-метарски затворен базен во непосредна близина на отворениот. Петрески, уште истакна дека изградбата на овој капитален спортски објект би можела да започне оваа есен.
Исто така, наскоро, Агенцијата за млади и спорт треба да отпочне со изградба на затворен олимписки базен во спортскиот комплекс „Атина Бојаџи“.
Инаку, отворениот пливачки базен во Охрид е изграден во 1976 година, а интересно е тоа што ова спортско здание од каде потекнаа 78 македонски пливачки прваци го изградил тим од Словенија.












