Црквата „Св. Климент“ се наоѓа недалеку од Долна Порта, во тесната, кривулеста и мошне стрмна уличка што го носи името на охридскиот револуционер Методија Патчев. Скриена помеѓу куќите, со своите скромни размери црквата за дојденецот од страна се чини невидлива и само добро упатениот намерник би бил во состојба да ја открие.

Оваа е единствената охридска црква која уште од денот на основањето му е посветена на св. Климент Охридски. Откако во црквата „Св. Богородица Перивлепта“ биле пренесени моштите на светецот, таа била завикана со неговото име: „Св. Климент“. Со цел да ги избегнат сите можни забуни, охриѓани старата црква „Св. Климент“ ја завикале „Мал Св. Климент“ или „Стар Св. Климент“.

Нема место за двоумење околу времето на настанување на оваа црква. Натписот од внатрешната страна на црквата, над јужниот и сега единствен влез, кажува дека таа била подигната во 1378 година од свештеникот Стефан, во времето кога со Охрид управувал жупанот Андреја Гропа. Во истата година е изведен живописот. Од живописот добро се зачувани само долните делови на источниот и јужниот ѕид, како и во апсидата. Живописот во оваа црква е во склад со традициите на охридското црковно сликарство.

Според едно предание, кога црквата „Св. Пантелејмон“ на Плаошник била напуштена и подоцна заменета со џамија, моштите на св. Климент Охридски биле пренесени прво во црквата „Св. Климент“, а подоцна во црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во која беа чувани сѐ до 2002 година.

Во 1694 година Козма Китијски направил список на охридските цркви, а таму го нема името на оваа црква. Најверојатно во тоа време таа била напуштена и во урнатини. Во ново време црквата е обновувана повеќе пати. Според својата архитектура, таа спаѓа во редот еднокорабни цркви со основа во вид на правоаголник кој на исток завршува со тристрана апсида. Таванот е изведен во вид на полукружен свод.

Поради честите одрони на земјиштето, западниот влез бил заѕидан, по што во функција останал само јужниот влез. Над влезот од надворешната страна е насликана фигурата на св. Климент Охридски. Автор на фреската е охридската уметница Ели Аиноска.

Текст и фотографии: Мишо Јузмески