Случајот со заробувањето на патничко возило на паркинг во центарот на градот, за кој пишувавме вчера, ќе има судска разрешница, информираат од трговско друштво од Охрид, од каде тврдат дека споменатото возило е нивна сопственост, а не на фунционер од правосудниот систем, како што пак тврдат закупците на паркинг просторот.
Трговската фирма чие возило, како што велат оттаму било заклучено на паркинг, во дописот испратен до нашата редакција истакнува дека не се точни наводите дека сопственикот не платил паркинг, за што поседувал доказ за регулирано право на паркирање до 31.12.2012 година. Велат дека е точно дека возилото е „заробено“ на паркинг на ул.„Македонски Просветители“, но дека тоа, според нивно наоѓање, е сторено самовласно и нема никаква законска основа и токму заради тоа истото е предмет на судска постапка.
Во реакцијата на трговското друштво понатаму стои:
„Почитувани, ние сме свесни дека до оваа ситуација немаше да дојде доколку прифатевме да исплатиме одредена сума на пари на концесионерот кој стопанисува со паркинзите, но исто така сме свесни дека на тој начин само ќе озаконевме едно незаконито однесување, ќе ја озаконевме праксата на изнуда, а ние тој луксуз не можеме да си го дозволиме. Самите Вие имено, на Вашиот портал го пренесувате незадоволството на граѓаните од однесувањето на концесионерот на охридските паркинзи, ја пренесувате и веста дека одлуката на Советот на Општина Охрид утврдува цена од 30 денари за час паркирање, а концесионерот наплаќа по 50 денари за час паркирање! Ова последново треба да ги заинтригира и државните органи.
Последниот навод од Вашата вест дека концесионерите на паркинзите немале намера да го ослободат возилото, зборува всушност за жалната атмосфера во нашиот сакан град: во услови на постоење на државен и правосуден апарат, група приватници се дрзнуваат за „заробуваат“ незаконито приватен имот! Уште повеќе: група приватници се дрзнуваат да уценуваат со пари за тој имот да биде ослободен!
Нашето постапување во конкретнава ситуација сфатете го како еден вид граѓански протест против оние локални центри на моќ, кои од нашиот Охрид последниве години направија последна паланка во Македонија, престолнина на бетонот и нечистотијата, протест против оние кои во Охрид гледаат крава молзница, а не град кој ќе го остават во наследство на своите деца.Толку многу сме различни со нив, што е сосема очекувано да имаме вакви недоразбирања!“- се вели во реакцијата на трговско друштво од Охрид, по повод случајот со заробување на возило на паркинг во центарот на градот.












