На 64-та седница што се одржа денеска, Владата на РМ ја разгледа и ја усвои Информацијата за објавување на службените трошења на директорите и замениците на директорите на јавните претпријатија, самостојните органи на државната управа, правните лица со јавни овластувања, акционерските друштва во државна сопственост и органите во состав на Министерствата, на официјалните веб-страници.
Најдоцна до 20.06.2018 година се задолжуваат директорите и замениците на директорите на самостојните органи на државната управа, на органите во состав на Министерствата и на Инспекцискиот совет, на своите веб – страници да ги објават податоците за нивите службени трошоци за периодот од 01.12.2014 до 31.05.2015 година и за периодот од 01.12.2017 до 31.05.2018 година.
Истото, им се укажува да го сторат и директорите и замениците на директорите на јавните претпријатија, правните лица со јавни овластувања и акционерски друштва во државна сопственост.
Обврската за објава на службените трошења, на долг рок ќе обезбеди ефикасност во работењето на институциите, како и зголемена одговорност на власта која работи транспарентно и отчетно без злоупотреба на државните ресурси, соопшти Владата.
Владата на РМ на својата 64 редовна седница го разгледа и го усвои конечниот извештај за извршена ревизија на успешност, односно ефективност на единиците на локална самоуправа во годишното планирање и реализација на годишниот план за јавни набавки. Исто така Владата ја разгледа и ја усвои информацијата со Правилници за мерките од Планот за економски раст на Владата – столб 3. Правилниците се однесуваат на следните 4 мерки: Финансиска поддршка на мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“), посебна финансиска поддршка за микро претпријатија, финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за подобрување на иновативноста, како и зафинансиска поддршка за стручно усовршување и пракса за нововработени млади лица.
Во исто време, Владата на Република Македонија ќе формира работна група за следење на реализацијата на мерките од столб 3 од Планот за економски раст на Владата на Република Македонија, составена од Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Фондот за иновации и технолошки развој, Министерството за економија, Стопанска комора на Македонија, Сојуз на стопански комори на Македонија и Стопанска комора на северо-западна Македонија.
На предлог на Канцеларијата на претседателот на Владата, министрите ја прифатија предлог – иницијативата за формирање „Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост во Република Македонија;“, при Владата на РМ.
OhridNews














