Нормалното одвивање на настава во училиштата во Струга е доведено во прашање поради неможноста на општината да обезбеди нафта за греење. Причина за ова се неподмирените трошоци кон добавувачите во минатото, поради што со извршни решенија блокирани се сметките на сите 11 училишта во општината. Од оваа причина никој не се јавил на двата тендера што ги распиша Локалната самоуправа, а денеска завршува третиот, за кој надлежните се надеваат дека ќе биде успешен. За да се амортизира проблемот, општината помош бара од државата.

– Ние го согледавме проблемот, контактиравме со државните институции. Ветени се 100 тони нафта од државните резерви, 50 ќе стигнат до Нова година, а уште 50 потоа.-изјави Љавдрим Елмаз, раководител на Сектор за образование при општина Струга.

50 тони задоволуваат едномесечни потреби на училиштата, кои во моментов мака мачат да обезбедат греење. Дел од нив алтернативно користат дрва за огрев, што ги обезбедуваат родителите на учениците, реагираат струшките социјалдемократи.

– СДСМ бара како од локалната така и од централната власт конечно да се реши проблемот со финансиските долгови поврзани со греењето и превозот во учлиштата. Потсетуваме дека со години дел од училиштата учат во ладни простории, а во други децата сами носат огрев од дома.-истакна неодамна Даме Ложанкоски, претседател на ОО СДСМ Струга.

Проблемот е сериозен велат струшките советници. Тие укажуваат дека постои голем револт кај родителите кои се закануваат со бојкот на настава доколку не се реши проблемот со греењето на училиштата.

-Дојдоа родителите до одлука да не ги пуштаат децата на училиште. Несфатливо е јас да сум учел во подобри услови од моето дете. Решение има, но решението треба да се бара.-истакна советникот Ардијан Демири.

Од локалната самоуправа велат дека се прават напори да се решпи проблемот, за кој ја обвинува претходната градска власт. Таа според неа недомаќински работела и набавувала по 200 тони нафта годишно повеќе од реалните потреби, а притоа трошоците нередовно ги сервисирала, поради што сега 11-те училишта во Струга и струшко се без греење и со блокирани сметки.

Горан Момироски