Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „компјутерска измама“,„проневера  во службата“ и „фалсификување на службена исправа“, СВР Охрид, до надлежното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 41-годишна охриѓанка.

– Таа, во периодот од 2011 до 2017 година, како вработена сметководителка во сметководствено биро од Охрид, ја искористила својата службената положба и овластување и без знаење и одобрување, од четири правни субјекти-клиенти на бирото, со намера да се стекне со противправна имотна корист, од нивна сметка вршела плаќања на својата сметка, противправно присвојувајќи пари доверени во службата, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Пријавената, извршила фалсификување на содржината на 369 оригинални изводи од електронските банкарства со внесување во истите на невистинити податоци,  при што вкупната материјална штета за четирите правни субјекти нанесени во истиот период изнесува 4.591.611 денари. Таа, ја искористила можноста што физички ги поседувала банкарските токени со корисничките имиња и лозинки на клиентите кои се наоѓале во просториите на сметководственото биро и и биле на располагање за вршење плаќања за нивни потреби.

OhridNews