Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата во вечерните часови се одвива делумно отежнато и забавено поради врнежи од снег и остатоци од снег на коловозите, особено на повисоките места.Повторно е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила на правецот Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража и патниот правец Маврово-Дебар. За патнички возила на овој правец се препорачува употреба на зимска опрема, информираат од Автомото сојузот на Македонија.
Снежна покривка се формира и во Охрид. Сообраќајот се одвива отежнато, а екипи на јавното комунално претпријатие работат на расчистување на снегот од главните улици во градот.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека во наредните денови ќе се задржи студено време со ниски температури, особено во утринските часови кога живата во термометарот ќе се спушти и до -15 степени. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Нови снежни врнежи се очекуваат од петок.