Во охридскиот регион сите патни правци се чисти и проодни. Најмногу проблеми со снабдувањето со електрична енергија се регистрирани во тетовско-гостиварскиот регион. Во наредните денови се очекува значителен пад на температурите.

Снежните врнежи што зафатија голем дел од Македонија предизвикаа потешкотии во сообраќајот и прекини во снабдувањето со електрична енергија во повеќе населени места во западниот дел од земјата.

Според последните информации на АМСМ од 15 часот, сообраќајот на сите државни патишта за сите типови возила се одвива без забрани и ограничувања, по влажни коловози. Врнежи од снег се бележат на повисоките делови од државата, додека на пониските места врнежите се со послаб интензитет.

Од 13:10 часот е нормализиран и сообраќајот на регионалниот пат Куманово – Свети Николе во двата правци.

Според извештајот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) до 13:30 часот, во охридскиот регион сите патни правци се чисти и проодни, со влажни коловози.

Во тетовско-гостиварскиот регион екипите на надлежните служби работат на расчистување на патиштата кон повисоките планински населени места. Во Мавровскиот регион има поголема снежна покривка, додека во Ростушкиот дел таа изнесува од три до четири сантиметри.

Во кратовското село Мушково снежната покривка достигнала околу 15 сантиметри, поради што движењето се одвива со теренски возила.

Десетици населени места без електрична енергија

Според информациите на ЦУК до 13:30 часот, прекини во снабдувањето со електрична енергија се регистрирани на 29 локации во тетовско-гостиварскиот регион.

Засега нема потврдени понови информации за целосно нормализирање на снабдувањето со електрична енергија во погодените места.

По снегот следува силен студ, температури до минус 18 степени

Според најновата прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), врнежите ќе престанат кон крајот на денешниот ден, а во новата седмица нè очекува стабилно, но многу студено време.

Во понеделник ќе биде променливо облачно и студено, со сончеви периоди. Во раните утрински часови наместа во источните делови ќе провејува снег, а по одделни котлини ќе има услови за појава на магла.

Во вторник утринските температури на места ќе се спуштат до минус 16 степени, додека во среда и четврток се очекуваат температури до минус 18 степени.

Дневните температури во среда ќе се движат од минус 4 до 3 степени, а во четврток од минус 3 до 3 степени.

Поради влажните коловози и најавените ниски температури, можна е појава на голомразица, особено во утринските и ноќните часови, поради што е потребна зголемена внимателност при возење.

OhridNews