Повеќе локални патишта во струшко се непроодни поради наноси од снег, информираат од Центарот за управување со кризи.

Во општина Струга не е прооден патниот правец од с.Мислодежда кон селата Присовјани, Збажди, Ржаново, Локов, Буринец и Селци во должина од 30 км. Не е исчистен и патниот правец Вишни – Горна Белица во должина од 8 км и ќе се чисти во наредните денови. Во Горна Белица нема жители. Исто така и патот до селата Модрич и Дренок  во должина од 7 км не е исчистен бидејќи е пат од трет приоритет.

Отежнато се одвива сообраќајот и на патниот правец Струга – Ќафасан кој редовно се чисти.

Во охридско состојбата е поповолна. Последните врнежи од снег засега не предизвикаа поголеми потешкотии.

Според најавите на УХМР, денеска не очекува облачно време со врнежи од снег. Врнежите ќе бидат пообилни во источните и јужните делови на земјава, каде на места ќе наврнат повеќе од 30 см снег. Кон крајот на денот врнежите ќе се интензивираат низ целата земја. Ќе дува умерен а повремено засилен северен ветер.

Максималната температура во Охрид ќе достигне до -1 степен Целзиусов.

OhridNews