Охридската локална самоупава планира да потроши околу 212.000 евра или точно 13 милиони денари, за развој на туризмот и промоција на Охрид во текот на наредната година.

Според Нацрт развојната програма за поттикнување и развој на туризмот од 2015 до 2017 година, која заедно со останатите годишни програми е ставена на увид пред граѓаните, може да се види дека дел од овие средства или 12 милиони денари, општината планира да ги обезбеди од наплатата на таксата за привремен престој, а 1 милион денари ќе бидат обезбедени од Буџетски приходи по други основи.

-Програмата за поттикнување на развојот на туризмот во 2015 година ќе биде насочена кон активности во различни  сегменти  во  туристичката дејност со цел создавање на соодветни услови за искористување на конкурентните предности и дефинирање на туристичката понуда и производи идентификувани со Стратегијата за одржлив економски развој на Охрид, пишува меѓудругото во нацрт програмата.

Во делот за развој на туризмот планирани се средствата за евиденција, регистрација, категоризација и стандардизација на сместувачките објекти, за обележување на туристичките места, за субвенционирање на приватни станоиздавачи од мал обем, за субвенционирање на авио превозници како и за активни мерки за подобрување на конкурентноста и услугите во туристичко–угостителскиот сектор.

Во делот на промотивните активности во 2015 година ќе бидат издвоени средства и промоција на туристичката понуда на Охрид во странски и домашни печатени и електронски медиуми, за соработка со странски турооператори, за презентација на меѓународни туристички берзи, како и за организација и поддршка на различни активности и настани поврзани со дефинирање, промоција и брендирање на туристичките производи од алтернативните форми на туризам. Исто така ќе бидат издвоени средства и за изготвување  на печатен и електронски, промотивен  материјал за одделни сегменти на туристичката понуда.

OhridNews