Селекторот на македонската фудбалска репрезентација , Бобан Бабунски денеска ја изврши првата прозивка за претстојниот пријателски дуел со селекцијата на Азербејџан во Баку (среда 17ч.)


– Се надевам дека и покрај оваа принудна ситуација во која се наоѓаме во дуелот со Азербејџан ќе се претставиме во добро светло. Дел од репрезентативците ќе пристигнат во Скопје за вечерашниот тренинг, некои подоцна, а десетина од нив ќе ни се приклучат на аеродромот во Виена од каде заедно ќе патуваме за Баку. Поради повреда откажа и Агим Ибраими па така доколку се случи нешто непредвидено заедно со Игор Митрески кој настапува во Нефчи ќе имаме на располагање 18 имиња. Поради визниот режим и краткото време нема да повикуваме нови играчи.

– Новевски го ослободивме поради обврски со клубот, Лазевски откажа поради повреда како и Ибраими но сепак имаме доволно квалитетен избор да одиграме добра средба со нашиот домаќин за кој веќе собравме информации со анализа на двете последни средби на оваа репрезентација.

-Во овој состав имаме играчи кои настапуваат и во младата репрезентација но сериозно чукаат и на вратите на „А” тимот и мислам дека токму искуството од вакви средби ќе ни биде добредојдено и нам во репрезентацијата до 21. година спроти стартот на следниот квалификациски циклус за ЕП но и за новиот селектор кој ќе има увид во поширок список на играчи за состав на најдобриот тим- истакна денеска на прес конференцијата селекторот Бабунски.

Први на прозивката денеска се појавија Грозданоски, Шумуликоски , Ристовски и Спировски. Тренингот е на Националната Арена Филип Втори во 19ч. Екеспедициајта за Баку заминува утре , понеделник преку Виена. Во Азербејџан се планирани два тренинга.

На последниот пријателски натпревар во Австрија, Македонија го совлада Азербејџан со 3-1: – Азербејџан е квалитетен противник, кој има извонредно силна лига и сигурно дека под водството на Берти Фогтс е „гладен” за позитивни резултати. За нас овој натпревар иако е пријателски е важен . Добро би ни дошла победа за да се вратиме во ритам, да го вратиме мотивот и добрата атмосфера што ја имавме пред стартот на квалификациите. Верувам дека со спојот на искуството и неколкуте млади и талентирани играчи ќе се претставиме во добро светло пред азербејџанската публика- истакна капитенот Величе Шумуликоски.

Ohridnews