Околу 145 илјади евра или точно 9 милиони денари планира да потроши охридската локална самоуправа за поддршка на Локалниот економски развој на Охрид во текот на наредната година. Според Нацрт Развојната програма за 2015 година, која заедно со останатите годишни програми е ставена на увид пред граѓаните, може да се види дека дел од овие средства или 3 милиони денари, општината планира да ги обезбеди од општинскиот Буџет, а 6 милиони денари од приходи по други основи.

Во планираните активности за засилување на локалниот економски равој и зголемување на конкурентноста на претпријатијата ќе се спроведат стимулативни мерки како модел за поддршка на развојот на Мали и средни претпријатија и претприемништвото, преку интензивна промоција на економскиот потенцијал на општина Охрид.

-Реализацијата на оваа програмска активност ќе се одвива преку организирање и учество на форуми, презентации, саеми и други промотивни настани во Македонија и странство, во заедничка соработка со бизнис заедницата од Охрид, Стопанските Комори и други институции од економскиот сектор. Исто така, со цел стимулирање и поттикнување на микро и мали компании од општина Охрид, предвидено е нивно кластерско презентирање на домашни и на странски саемски манифестации, пишува во нацрт програмата.

Во неа стои дека во оваа насока ќе бидат воспоставени и ќе се одржуваат партнерски односи со европски градови и институции, а ќе се издвојат средства и за Ажурирање и печатење на брошура „Инвестирајте во Охрид“.

Исто така во рамки на оваа програма планирано е да бидат организирани и Денови на дијаспората.

-Преку оваа активност ќе се спроведува осмислена програма за анимирање и сеопфатно информирање на сонародниците што се иселени во странство. Оваа програма ќе опфаќа културни дружења, а особен акцент ќе биде даден на деловни средби и состаноци. Програмата ќе има за цел да се приберат средства во вид на добротворни прилози од дијаспората со која ќе се реализираат одредени цели од локално значење, се појаснува во нацрт програмата.

За наредната година, планирано е да бидат издвоени средства и за финансирање на локални микропроекти за потикнување на локалниот економски развој согласно Стратегијата за одржлив развој и Стратегијата за рурален развој, а активностите ќе се реализираат преку објавување на јавен повик за финансирање на микропроекти, со право на учество на невладините организации, месните и урбаните заедници.

OhridNews