Се пошумувале неадекватни површини и тоа во неколку наврати, информира денес јавното претпријатие „Македонски шуми“ во врска со акцијата „Ден на дрвото“.
Од „Македонски шуми“, кое ги обезбедуваше садниците, велат дека биле задолжени да бараат локации за пошумување покрај населени места и блиску до пристапни патишта, како и косини покрај автопатиштата и средишниот простор на автопатиштата, покрај езерата и сл. Најчесто тие површини биле несоодветни за пошумување со шумски видови садници.

Финансиската анализа направена од страна на претпријатието покажува дека за периодот од 2008 до 2016 година за оваа акција потрошени биле 1.100.701.431,6 денари, од кои 297.235.394,9 денари од буџетски средства од Министерството за земјоделство, а 31.976.705,00 денари од Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството и руралниот развој за набавка на палми. Од буџетот на претпријатието „Македонски шуми“ потрошени се 771.489.331,8 денари.

Од вкупно засадените 35.211.986 садници успеале само 21 процент или 7.394.518 садници.

Од „Македонски шуми“ посочуваат дека и пред акцијата „Ден на дрвото“ вршени се редовни пошумувања и оти во периодот од 2002 до 2007 година пошумувана е поголема површина.

OhridNews