Со сечење роденденска торта на плажата Куба Либре попладнево беше одбележан 54- тиот роденден на фестивалот „ Охридско лето“. Како што рече директорката Елизабета Јанкулоска, и годинава публиката имаше можност да проследи бројни прекрасни концерти, но до крајот на фестивалот следуваат уште многу одлични настапи.
– Направивме прекрасни концерти, имаме многу публика, се надеваме дека годинава ќе го надминеме бројот на посетители споредено со минатата година. Имаме програма која не носи чекор нагоре, посакувам така да продолжиме. Верувајте дека допрва ќе имате можност да видите што е она најдоброто на „ Охридско лето“, рече Јанкулоска.
„ Охридско лето“ е најголемиот репрезент на културата во Мнакедонија, а Охрид повеќе од пет децении е една од најпознатите европски уметнички сцени.
– Благодарност до сите кои изминатите децении го дадоа најдоброто од себе за фестивалот да го достигне ова ниво и засекогаш не задолжија нас- сегашното раководство да се вложиме за фестивалот единствено да чекори низ патот кон успехот, истакна музичкиот селектор Гордана Јосифова-Неделковска. Неделковска за вечерашната прослава на роденденот, најави уште еден атрактивен настап за паметење, концерт наменет за пошироката публика со единствена цел- што поголем број посетители да присуствуваат на прославата на роденденот.
Вечерва со почеток во 21 часот, на Антички театар концерт ќе одржи српскиот виолинист, маестро Немања Радуловиќ, кој ќе настапи заедно со францускиот гудачки квинтет „Ѓаволски трилери“ и пијанистката Лор Фавр-Кан .
– Нам ни претставува големо задоволство што вечер настапуваме на Антички театар, на таа сцена која многу не инспирира при синоќешната проба, нестрпливи сме да излеземе на сцена и да свириме, изјави Радуловиќ .
Радуловиќ минатата година беше дел од програмата на „Охридско лето“, но за разлика од лани кога настапуваше со изведба на класични дела, за ова роденденско издание тој ќе настапува со посебна програма, со кратски, избрани композиции на „АББА“, Пуњани, Крајслер, Шопен, Масне, Берио, Вивалди, Бизе, Паганини, Шостакович, Хачатурјан, Вилијамс, Кустурица, Монти.
OhridNews