Возачите постари од 23 години со најмалку пет години возачко искуство од Б категорија ќе можат да управуваат мотоцикли до 125 cm³, но само по завршена четиричасовна теоретска обука и добиена потврда од автошкола.

Министерството за внатрешни работи ги информираше граѓаните дека стапија во сила новите правила со кои на возачите што поседуваат возачка дозвола од Б категорија им се овозможува да управуваат мотоцикли од категоријата А1 со автоматски менувач, со работна зафатнина до 125 cm³ и моќност до 11 kW.

Ова право можат да го користат лица кои имаат наполнето најмалку 23 години и поседуваат важечка возачка дозвола од Б категорија најмалку пет години. Дополнително, задолжително е да посетат четиричасовна теоретска обука во овластена автошкола и да добијат официјална потврда за нејзино завршување.

Во согласност со новите законски одредби, Авто школа Старс Инженеринг од Охрид ги известува заинтересираните кандидати дека од 1 јуни 2026 година започнува со спроведување на теоретската настава за стекнување потврда за управување со мотоцикли до 125 cm³.

Обуката ќе се реализира во групи, по претходно закажани термини, а програмата опфаќа теми поврзани со безбедноста на мотоциклистите, правилната употреба на заштитна опрема, контрола и стабилност на мотоциклот, превоз на сопатник и препознавање и избегнување ризични ситуации во сообраќајот.

По успешно завршената обука, автошколата издава официјална потврда и за истата го известува Министерството за внатрешни работи, кое води централизирана евиденција на сите издадени потврди.

Од МВР нагласуваат дека управување со мотоцикл до 125 cm³ без претходно посетена обука и соодветна потврда не е дозволено, и покрај тоа што возачот поседува Б категорија.

Сите заинтересирани граѓани дополнителни информации можат да добијат во просториите на Авто школа Старс Инженеринг или на телефоните 078/352-764 и 078/753-038.

OhridNews