Со барање до Владата за преминување на регулиран пазар за снабдување со електрична енергија ќе се бара решение за ЈП Водовод. Советниците денес дискутираа дека покрај вакво инстант решение кое се носи во услови на енергетска криза, потребно е и долгорочно решение за функционирањето на претпријатието.
Во своето излагање пред советниците директорот на јавното претпријатие Марјан Ристески даде осврт на трошоците за електрична енергија за периодот 2020 – 2022 година, истакнувајќи дека алармантна е ситуацијата во поглед на сметките за струја кои ги добива ЈП Водовод Охрид.
ЈП за месец август добива сметка во износ од 21 милион денари. Оваа сметка ги надминува нашите приходи и е сума која ЈП во 2020 година ги исплатило за 12 месеци потрошена електрична енергија. Сметката за месец јули е во висина од 15 милиони денари и тој тренд нема да запре, затоа ја поднесов оваа Информација, бидејќи очекуваме и дека септемвриската сметка ќе биде некаде околу 14-15 милиони денари, што значи дека можете да претпоставите каков ќе биде кварталниот извештај. ЈП за три месеци има сметка за електрична енергија од околу 50 милиони денари. Состојбата е алармантна, потребно ни е час поскоро решение. Не треба да го доведеме ЈП во состојба да за 10-15 години не може да се врати на некои нормални финансиски показатели. Како решение да, се согласувам и ги прифаќам сите можни алтернативи во делот на поставување фотоволтаици, промена на пумпите, намалување на загубите, но сите тие работи се на еден среден или долг рок, а нас ни треба час поскоро решение. Како ЈП учествуваме во здружението АДКОМ преку кое исто така побаравме од државата помош преку неколку алтернативи да излеземе од ваквата ситуацијата, а тоа е државата да не префрли на регуларниот пазар на електрична енергија или барем од тоа што е проектирано до тоа што е сметка да може некако да не субвенционира. Јас ги гледам решенијата моментални и краткорочни во тој дел, сето другото може да се разговара за на среден или долг рок, рече Ристески.
Советничката од СДСМ Живка Ангелоска истакна дека финансискиот преглед го потврдува фактот дека светската економска криза најнегативно се одразува во ЈП Водовод, имајќи ја предвид дејноста која ја врши и тоа треба да биде поттик за системско разгледување на проблемот со цел изготвување Стратегија за справување со ситуацијата во која удел треба да земат сите политички чинители, но најмногу Општината.
Покрај проблемот со сметките за електричната енергија, тука е и проблемот со загубата на вода, дивите потрошувачи, азбестните цевки, масовната урбанизација, превработеноста, несоодветен распоред на кадарот, минимално вложување во условите за работа, како и немање Стратегија за функционирање на долгорочен рок. Загубата на вода изнесува високи 70%, половина од тој процент ако се фактурира сигурно ситуацијата ќе е далеку подобра од таа во која се наоѓа јавното претпријатие. Мора да се направи цврста подлога за изнаоѓање на решение. Нас ни е потребен Акционен план за менаџирање на загубата со вода и да се искористат позитивните решенија од Европа. Доколку веќе ги детектираме проблемите да почнеме да ги решаваме. Целите да се субвенционираат средста и во ред е се сложувам, но ако бидат ставени на регулиран пазар јавните претпријатија проблемот го решаваме за одреден период, но не долгорочно. Ако го направиме Акциониот план и имаме сериозен пристап кон решавање на проблемот паралелно со работите кои вие ги барате, ќе дојдеме до позитивни резултати, рече Ангелоска.
Градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека до крајот на годинава ќе има 27 готови проекти потенцирајќи го и меморандумот за соработка со Градежниот факултет кој го вклучува решавањето на хидро системот.
Со тоа го решаваме во голема мерка од 50-60% снабдувањето на општината со вода. Веќе аплициравме и за GPRS саати за кои проектот е направен и се надеваме дека ќе биде одобрен. Со ова добиваме преглед реално за загубите и ќе имаме точна контрола каде во моментот има дефект. Што значи сериозно сме посветени и со менаџментот на претпријатието за решавање на проблемот. Имавме неколку обиди за поделба на јавно претпријатие или формирање ново кое може да оди на регулиран пазар, но не ни беше дозволено од Владата. За нас е битно во периодот кој што следи да донесеме инстант решение, бидејќи другите бараат вложување и инвестиции. Спремни сме, проектите се изработени, но тие резултати ќе дојдат подоцна. Во моментов единствено решение е враќање од слободниот на регулираниот пазар. Со тоа ќе може претпријатието да продолжи да функционира и да ги извршува обврските. Има и друг проблем веќе во 2023 година ќе треба да пуштиме извештај и до Регулаторната комисија, ако е ситуацијата ваква ќе добиеме повратен одговор за зголемување на цената на водата. Ние веќе сме на универзален снабдувач, зошто претходниот добавувач го раскина договорот и од први октомври и сметките ќе бидат уште поголеми. Ќе испратиме Барање до Владата за преминување на јавното претпријатие на регулиран пазар за снабдување со електрична енергија, рече Пецаков.
Предлогот за изработка на Студија на материјалната и финансиската состојба на ЈП Водовод Охрид со цел утврдување на оправданоста од преземање на мерки и активности за надминување на последиците од актуелната енргетската криза беше усвоен, како и барањето за преминување на јавното претпријатие на регулиран пазар.
Како дополнителна мерка за надминување на финасиската состојба во ЈП „Водовод“, советниците ја усвоија одлуката за субвенционирање на трошоците за електрична енергија во висина од 2 милиони денари.
Н.С.Ј.















