Со ново вештачење, подготвено од страна на Институтот за судска медицина при Медицинскиот факултет во Скопје, ќе треба да се утврди дали Кристијан Шапкар, обвинет дека ја предизвикал глисерската несреќа во  која загина Ирина Романова-Муцински, пиел алкохол пред или по несреќата.

Вака одлучи охридскиот Основен суд , каде денес продолжи судењето за несреќата која се случи во 2009.

Оваа одлука следува по претходно веќе извршеното вештачење од Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје, чие дополнение не дало прецизни показатели за точното време на конзумирање на алкохол. Вештите лица од оваа научна установа појасниле дека не постои соодветна и точна метода која може да се искористи за оваа намена.

Од Јавното обвинителство потенцираат дека времето на конзумирање на алкохол е  многу важен факт за понатамошната судска постапка, а приговор на дополнението од ваштачењето поднесе и адвокатката Татијана Попоски, застапник на семејството Муцински, која исто така  побара ново вештачење.

На претходно одржаното рочиште, обвинетиот,  тврдеше дека  поради доживеан голем стрес, алкохол пиел по несреќата, а не пред нејзиното случување.

Денешното рочиште продолжи со испитување на сведоците на несреќата. Наредното е закажано на  30 април.

OhridNews