Охриѓани и туристите синоќа уживаа во концертот на групата „Нокаут“ на плоштадот „Св. Климент Охридски“, во рамките на манифестацијата „Бело лето“, со која официјално беше отворена туристичката сезона во Охрид.
„Голема привилегија, голема одговорност е да го отвориме ова лето охридско, така да ќе дадеме максиум од себе, ќе дадеме позитвина енергија. Видете, кај и да одиме имаме лесна нога, така да очекувајте добро лето.“ – изјави, Владимир Крстевски – Франц од групата „Нокаут“.
Покрај забавниот дел, гостите имаа можност да се запознаат со традиционалните занаети и ракотворби од Охрид, кои беа изложени на малиот плоштад кај поранешната градска библиотека.
„И оваа година како и изминатата, Регионалната занаетчиска комора Охрид, ја подржи манифестацијата „Бело лето“, односно отворањето на летната туристичка сезона. Сите занаетчиски дуќани без исклучок, работат со 20 отсто попуст до раните утрински часови.“ – рече Сашо Богоески, претседател на РЗК Охрид.
Белата ноќ ја подржаа голем број угостителски објекти, кои синоќа работеа 24 часа со попуст на услугите.
„Она што ние од мината година веќе го промовиравме и го востановивме како нова активност е официјална промоција на почетокот на летната туристичка сезона преку манифестацијата „Бело лето“. И оваа година, преку низа активности го означивме на еден симболичен начин почетокот на летната туристичка сезона, за која што сметам дека преку оваа и други манифестации кои ги имаме испланирано за реализација, ќе ја надополниме туристичката понуда и ќе внесеме нови содржини со кои што на сите гости ќе им овозможиме попријатен престој.“ – изјави Ѓоко Апостолов,раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој.
Инаку, манифестацијата „Бело Лето“ се одржува по втор пат со цел да овозможи добра забава за охриѓани и туристите.
OhridNews