Трета година по ред, во КИЦ „Култура 365“ , со беседа се одбележа роденденот на холандскиот писател, новинар, скитник и вљубеник во Македонија, А. ден Долард.

За ликот и делото на најголемиот холандски „амбасадор“ на Македонија, пред присутните гости,меѓу кои беа и ученици од основните училишта „Христо Узунов“ и „Кочо Рацин“, говореше писателот Мишо Јузмески.

Традиционално, трета година по ред, го одбележуваме роденденот на еден од најпознатите холандски писатели, кој се смета за заслужен за доаѓањето на холандските туристи во Охрид. Дошол во градот од сосема други побуди, за потоа да потроши децении од својот живот работејќи на промоцијата на Охрид меѓу холанѓаните. Нашиот град како тема во неговото пишување е присутен од 30- те години од минатиот век се до последните денови од неговиот живот . Станува збор за личност која имала големо влијание во холандската средина и со таа промоција придонел во будењето на интересот на луѓето од тој дел од светот за да го посетат Охрид,објаснува Јузмески.

Јузмески се осврна и на спомен обележјето на А. Ден Долард поставено кај Холандскиот парк. Како што рече добро е што се постави, но за жал поради несовесниот однос на дел од граѓаните, наместо да потсетува на холандскиот писател, потсетува на негативниот однос и негрижа кон ваквите спомен обележја.

OhridNews