Со театарската претстава „Ничија земја“ во изведба на Македонскиот народен театар, синоќа на сцената поставена на просторот на поранешната воена касарна „Михајло Апостолски“ во Охрид, заврши 57-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
„Ничија земја“ е слика на апсурдот на балканските народи и нивните ирационални интеракции како во мирнодопски, така и во воени услови. Драмската ситуација-војна во која се развива оваа црна комедија е метафора на нашата перманентна духовна, но и фактичка состојба на „војна и омраза“ до „братските“ соседни народи, но и внатрешно меѓу луѓето. Претставата брилијантно ја изведе актерската екипа на МНТ за што беше наградена со долги стоечки аплаузи од присутната публика.
Во 40-те фестивалски денови беа изведени 57 музичко сценски настани, на кои присуствувале околу 30.000 гледачи.
-Имавме 57 настани, музички, драмски, балетски претстави и активности во делот на дополнителната програма. Покрај прекрасните концерти од областа на класичната музика и театарските претстави, понудивме атрактивни програми како џезот и проекти и во дополнителната програма. Се раскажа приказната за познатиот охридски бисер со промоцијата на документарниот филм „Бисер“.Се реализира проектот „Детски свет“ кој беше место за културно изразување за младите уметници да ги афирмираат своите потенцијали и идеи со што се поттикна позитивна стимулација на младите творци и истакнатите уметници.Ја проширивме програмата на нови сцени а на постоечките создадовме поголеми услови за уметниците. Токму свеченото затворање синоќа се случи во поранешната касарна „Михајло Апостолски“, амбиент кој ја надополни приказната на претставата „Ничија земја“ режирана од познатиот Александар Морфов а во изведба на Македонскиот народен театар, изјави в.д. директорката на „Охридско лето“ Вренцовска.
Според селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, изминатите 40 фестивалски вечери биле прекрасен период на размена на љубов, почитување и вонвременско уметничко доживување.
-На сцените во Антички театар, Долни Сарај и секако црквата Св. Софија, беа одржани 48 музички настани. Ако зголемената продажба на билети со повеќе од 100% во однос на минатите години е репер за квалитативна понуда на годинешното издание од сопствен аспект морам да истакнам дека за мене беше вистинско доживување да се поздрават уметничките консументи после секој концерт, нескромно искажувајќи го сопственото задоволство од убавината и квалитетот на музиката и уметниците кои оваа година беа дел од фестивалската програма. Преполните концертни капацитети на секој музички настан се доказ дека нашиот напор за збогатување на фестивалската програма како програма наменета за широк спектар љубители на уметноста придонесе за одржување на долгата традиција и високиот уметнички рејтинг на фестивалот, како и придонес за развој на туризмот во градот Охрид, рече музичкиот селектор Цуцковски, објаснувајќи дека е особено горд на професионалниот ангажман на тимот којшто стои зад оваа манифестација.
Селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Зоран Љутков, исто така нагласи дека според фактите и годинешната фестивалска статистика, зад нас останува успешно реализирано фестивалско издание.
–Многу е убава сликата кога ќе видите преполни гледалишта, преполн отворен простор. Особено сум среќен што ги исполнивме просторите како „Долни Сарај“ кој е еден од најголемите. Среќе сум и сум што вчера, на затворањето, смисливме еден нов простор, ново место коешто се надевам и во иднина ќе се користи како театарска сцена. Барањето карта повеќе веројатно е знак дека сме направиле одлична програма. Претставите, жанровски беа различни и за сите вкусови. Програмата беше конципирана жанровски, продукциски, стилски, така како што би требало да има програма секој национален театар во Македонија. Пресреќен сум што оваа манифестација има таков тим којшто беспрекорно ја реализира цела програма. Да имате 57 културни настани, да завршат без ниедна грешка, тоа е еден до најголемите успеси што може да го посака една национална институција, изјави Љутков на денешната прес-конференција.
Фестивалот „Охридско лето“ е значаен партнер на ЕФА (Европска Асоцијација на Фестивали). Како нејзин член е од 1994 година, овој фестивал секогаш давал голем придонес кон мисијата на ЕФА и нејзините проекти.
OhridNews





















