Со свеченост  посветена на лауреатот Иван Василевски, добитникот на наградата „Григор Прличев“ за најдобра необјавена поема за 2013, денес, во Центарот за култура започнаа традиционалните „Прличеви беседи“.

Како што истакна директорката на центарот, Драгана Боцевска, со доделувањето на наградата и распишувањето на конкурсот  им се дава можност на современите македонски писатели да го покажат својот талент, надоврзувајќи се на делото на Прличев, најистакнатиот македонски писател од 19 век.

Григор Прличев воедно претставува и најопиплив пример за одразот на непогодните општествени услови врз индивидуалниот животен и креативен развој на еден талентиран уметник и творец, рече Боцевска.

Авторот на  „Азбукословецот“, Иван Василевски, изрази благодарност што наградата оди токму во неговите раце.

Ова високо признание за мене е огромна чест и мотив повеќе да го заокружам моето речиси четиридецениско творештво со наградата што го носи името на великиот  Григор Прличев кој пред повеќе од 150 години беше овенчан со Ловоров венец на анонимниот конкурс во Атина и кој несомнено е еден од најголемите македоски поети во 19 век. Мојата поема е напишана во слава на Свети Климент Охридски и 1150 годишнината од словенската писменост, рече Василевски.

Пред присутните се обрати и претседателката на советот на општина Охрид, Гордана Коњановска која упати честитки до сите учесници на конкурсот, преку кој се изразува почит кон делото на великанот Прличев.

Неговите дела „Сердарот“, „Скендербег“ претставуваат темел на пишаниот збор не само во периодот на преродбата и 19 век, туку остануваат горостасни дела во македонската литература засекогаш. Прличев со својата безвремена максима- совршенство или смрт оставил неизбришлив печат на овие простори и пошироко, бил иснпирација за генерациите пред нас, за нашата генерација, а убедена сум дека ќе биде инспирација и за генерациите кои доаѓаат, рече Коњановска.

Свеченоста беше збогатена со настап на хорот при НУ Центар за култура „ Григор Прличев“ и артистичка изведба на  наградената поема „ Азбукословецот “.

Прличевите беседи продолжуваат утре, со полагање цвеќе на бистата во училишниот двор на ОУ „ Григор Прличев“, полагање лавров венец и свежо цвеќе пред бистата на поетот, а предвидена е и беседа на претставник од Друштвото на писатели. Точно на пладне, кај гробот на Прличев, ќе се одржи Панихида, а половина час подоцна,  во спомен куќата на Прличев е предвидена содржината „Уметниците за Прличев“. Во охридската библиотека, во 13.30 ќе се изврши и презентација на ЦД издание ( во аудио форма) за животот и делото на Прличев до објавувањето на поемата „ Сердарот“, по што ќе следи и традиционалната „ Прличева визита“. Беседите ќе завршат со Свечената приредба по повод патрониот празник  на ОУ „ Григор Прличев“ .

Т.К.