Со пригодна церемонија министерот за економија Крешник Бектеши ги потпиша договорите со општините Охрид, Чаир, Центар и Битола за имплементација на проектот „Ревитализација на излозите старата чаршија“.

„Целта на проектот за уредување на излозите во старите чаршии низ државата е враќање на автентичниот изглед на чаршиите, а воедно и нејзино разубавување и привлекување на што поголем број на посетители и туристи. Ние во  во рамки на Програмата за развој на туризмот за 2018 предвидовме, после скопската, да ја прошириме оваа активност и на останатите чаршии,  и тоа во соработка со општините на чија територија се наоѓаат тие. За реализација на овој проект годинава обезбедивме буџет од 16,5 милиони, а преку јавен повик беа поканети општините Чаир, Центар, Битола, Охрид и Струга да аплицираат, притоа запазувајќи ги условите од самата техничка документација и предмер-пресметките, кои ги дистрибуиравме до нив. На повикот пристигнаа вкупно 182 апликации, а од услови согласно повикот исполнија 160 дуќани, од кои 115 од скопската, 38 од битолската и 7 од охридската чаршија. За жал, од струшката чаршија не добивме апликации“, рече министерот Бектеши, додавајќи дека општините ќе имат рок од 1 година за имплементација на споменатите активности, а дуќанџиите немаат никаква обврска да партиципираат нивни средства, односно сите средства се обезбедени од страна на Министерството за економија, како и дозволите од надлежните институции одговорни за чаршиите, како што се Министерство за култура и конзерваторските центри.

Министерството за економија го започна овој проект во 2015 година, како пилот проект најпрво во Старата скопска чаршија. Имајќи го предвид големиот интерес, а и резултатите од проектот, во 2016 година проектот беше продолжен.

Согласно анализите на Министерството за економија предвидено е за секој дуќан да се издвојат по 100.000 денари, а општините имаат обврска да ја спроведат реализацијата на проектите и тоа Чаир за 97 дуќани, општина Центар за 18, општина Битола за 38 и општина Охрид за 7 дуќани.

OhridNews