СВР Охрид поднесе кривична пријава против 63-годишен охриѓанец поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “фалсификување на службена исправа” и против 48-годишно лице од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата”.

Првопријавениот во ноември 2013 година во службена исправа-налог за работа, кој лично го составил, внесол невистинити податоци за единечни мери и количини на материјали и услуги за изработена гробница од нарачателот, а исто така внел и невистинити податоци за цените и услугите кои биле спротивни на Одлуката за утврдување на надоместок на услугите што ги врши ЈП,,Градски гробишта”, а потоа таквата исправа ја заверил со сопствен потпис  и ја предал на второпријавениот со намера да се достави до сметководство и врз неа да се изготви фактура за дадени услуги. Со тоа предизвикал материјална штета за ЈП „Градски гробишта” во износ од 11.400 денари. Второпријавениот со пропуштање на должен надзор во вршење на своите службени должности и овластувања, наместо да изврши контрола на внесените ставки од страна на првопријавениот, внел невистинити податоци и без да ја исконтролира и да ја спречи нејзината употреба во службата, ја заверил со свој потпис и ја доставил до Одделението за сметководство каде врз основа на неа била издадена фактура, со која бил задолжен нарачателот на услугата да плати надоместок помал за 11.400 денари.

Во друг случај, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 41-годишен охриѓанец, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување или повластување на доверители”. Пријавениот во својство на управител на правно лице, знаејќи дека правното лице станало неспособно за плаќање, со намера да оштети доверители, со измамничко дејствие оштетил доверители на начин што при водење стечајна постапка не приложувал документација за начинот како е располагано со наведеното правно лице, односно истиот како физичко лице ги отуѓил материјалите и стоката со кои располагало правното лице, со што противправно се стекнал со поголем износ на пари, а со истото му наштетил на еден доверителот во износ од 3.574.107 денари.

OhridNews