Најголемиот авто превозник во регионот, АД „Галеб“ Охрид, од неодамна ја воведе сезонската автобуска линија од Охрид до туристичките центри на црногорското приморје со атрактивни цени.
Автобусите на Галеб летово секој парен датум ќе сообраќаат кон познатите летувалишта во Црна Гора: Улцин, Бар, Суто Море, Будва, Котор и крајната дестинација Херцег Нови. Тргнувањето е во 22.30 часот од Охрид, односно 22.45 од Струга, а пристигнувањето во утринските часови следниот ден во зависност од дестинацијата. Од Црна Гора кон Охрид, „Галеб“ ќе вози секој непарен датум.
Цената на билет во еден правец изнесува околу 25 евра во зависност од крајната дестинација, а повратната карта околу 40 евра. Превозот се изведува со модерни, целосно климатизирани автобуси, опремени за удобно патување до посакуваното место за одмор во Црна Гора.
Компанијата вчера ја стартуваше и новата експрес линија Охрид – Белград – Нови Сад. Поаѓањето е од Охрид во 12 часот. Од Нови Сад автобусот тргнува во 22.30 часот, а од Белград во 00 часот на полноќ, со пристигнување во Охрид во раните утрински часови околу 8 часот. Цената во еден правец изнесува 1800, односно 2100 денари, а повратниот билет чини 3300, односно 3600 денари.