Во рамки на Проектот за Биодиверзитет на езерата во Дримскиот Басен кој е финансиски поддржан од германското друштво за соработка ГИЗ и имплементационо договорен со Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, компонентата за заштита на мочуришните предели (Студенчишкото блато крај Охрид) е подготвена за имплементација на активностите преку Билатералниот Секретаријат при МЖСПП во Охрид.

Во договор со одговорните за Проектот од страна на финансиерот, а на предлог  на Билатералниот секретаријат при МЖСПП , на 24-ти ноември (сабота) во 12 часот на локација пред Студенчишкото блато во Охрид , ќе се одржи јавен промотивен настан за отпочнување на проектот насловен како “Заштити го Блатото, сочувај го златото”.

“Работевме и донесовме резултат во вид на проект за  заштита на остатокот од Студенчишкото блато како природна реткост, филтер на езерските води и живеалиште на ендемични видови. Целта е да ја вратиме природната рамнотежа и врска со Езерото, да го уредиме остатокот од блатото и да го понудиме како дел од алтернативните туристичките вредности на Охрид. Од тоа корист ќе има и Езерото и локалната заедница во Охрид” – вели Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат, изработувач на идејата за проектот за заштита на Блатото.

На настанот, но и во спроведувањето ќе учествуваат преставници од Министерството за животна средина, Локалната самоуправа Охрид, научните институции, како и претставници на невладиниот сектор и заинтересирани граѓани.

Инаку, иницијативата за заштита на Студенчишкото блато во 2008 година ја покрена „OhridNews“ со реализација на проект во рамки на кој се изврши заштита и ревитализација на дел од блатото, а беше изработена и стручна студија за состојбата на овој исклучително значаен дел од екосистемот на Охридското Езеро.

OhridNews