Со средства во висина од 50.000 денари, донирани од охридскиот бизнисмен и кум на манифестацијата Водици 2013, Стојан Ѓоргоски, се изврши целосна замена на дел од дотраената дограма во објектот „Билјана“ при градинката „ Јасна Ристеска“.
– Со средства од нашиот сограѓанин, Стојан Ѓоргоски, кој донира веќе втор пат за потребите на градинката, се изврши обновување на дограмата во една од поголемите занимални во објектот со што се овозможи просторот во кој престојуваат децата да биде многу потопол. Замена на дограмата е неопходна и во сите останати објекти поради тоа што таа е стара од времето кога биле градени објектите, во текот на 70- те и 80- те години. Прозорите не можат соодветно да се чистат поради што во просториите влегува и прашина, често пати и инсекти, а поради нивната дотраеност многу средства се трошат на ресурси за греење, наместо тие пари да се искористат за едукативен материјал или некоја друга намена, вели директорката на градинката Розе Костоска.
Проектот за донацијата беше актуелизиран на неодамнешниот настан за доделување на признанија за филантропија во охридско-струшкиот регион, организиран од страна на Локалната агенција за развој од Струга и невладината Сороптимист.
– Идејата на самиот настан беше да се инспирираат што поголем број луѓе од градот да донираат. Се надевам дека луѓето конечно ќе сфатат дека се што нам ни е дадено, треба да го споделиме и единствената радост е во споделувањето, а не во натрупувањето на материјални добра. Господ на некој од нас им дал многу повеќе знаење и пари и како што некој нам ни дал,така и ние треба да даваме,во спротивно се губи смислата, вели Катерина Василевска од „Сороптимист“ Струга.
Директорката Костоска најавува дека во наредниот период ќе се изврши замена и на дограмата во централниот објект и во „Развигорче“.
– Според информациите од локалната самоуправа зафатите би се извршиле со средства од кредитната линија на Светска банка, а овие два објекти се избрани затоа што за нив е обезбедена целосна документација. За останатите објекти се соочуваме со одредени проблеми, затоа што за нив ги нема имотните листови и има нерешени имотно- правни односи, а според условите за кредитната линија, додека нема целосна документација и изработен проект не може да се добијат средствата, вели Костоска.
Таа изрази надеж дека наредната година со сопствени средства и донации сепак ќе бидат решени голем дел од проблемите со кои досега се соочувала градинката.
Т.Кувенџиска