Со изградба на покриен зелен пазар, во чии рамки ќе функционира и мал шопинг центар, годинава ќе стартува реализацијата на позначајните големи проекти кои ги вети новата локална самоуправа во Охрид.

Како што информира градоначалникот Никола Бакрачески, потребната планска документација за изградба на пазарот веќе е завршена, а одобрена е и физибилити студијата за економската оправданост  на  проектот.

– Очекуваме  дека до крајот на месец јануари  ќе се објави тендерот чија должина зависи  од должината на изборниот циклус, со оглед на тоа што  во согласност со препораките на антикорупциската комисија, во изборен циклус не може да се спроведуваат тендерски постапки, а  ние тоа мора да го почитуваме, изјави градоначалникот.  

Следен проект кој е предвидено да се реализира во текот на 2014 е замената на уличните постоечки светилки со  лед- осветлување,   со што општината се приклучува кон програмата за енергетска ефикасност.

– И за овој проект  тендерот  би требало да оди до крајот на овој месец . Со  проектот  Охрид ќе добие  најсовремено осветлување во Република Македонија. Тоа не подразбира само замена на постоечките со штедливи- лед светилки, туку и зголемување на нивниот број низ градските улици . Во одредени делови онаму каде што стручните служби наложија дека има потреба, мрежата ќе се надогради. Тоа подразбира и илуминација на парковите  и  на културно- историските споменици во Охрид   и  потполно ново осветлување на стариот дел од градот со традиционални фенери, додаде градоначалникот.

Бакрачески информира дека до крајот на годината предвидено е да започне и изградбата на затворениот олимписки базен. Во моментов се работи основниот проект , кој ќе се реализира со средства од Агенцијата за млади и спорт. 

OhridNews