Да се разграничи каде може да има тешка индустрија, нагласуваат од Еколошкото друштво „Грашница“ кои истовремено со еколошките друштва во уште три градови во земјава одржаа прес конференција на иста тема и со иста порака.

– Бараме дополнување на Законот за животна средина  со ограничување или дефинирање на растојанието на кое се врши градба на нови индустриски капацитети, зависно од типот на индустријата, како и потенцијалното загадување кое соодветната фабрика го предизвикува. Ако фарми и отпади се градат надвор од населени места, како може тешка индустрија да се гради во атарот на еден град, населено место или заштитена природна реткост, прашуваат од ЕД „Грашница“.


Основната цел на иницијативата е да се забрани градење тешка индустрија во близина на населените места и заштитените подрачја, со што ќе се спречи повторување на грешката од Велес.

– Со просторното планирање и одделувањето на растојанието на кое може да се гради еден индустриски објект ќе се создаде сигурност за населението дека објектот ќе биде изграден на сигурна дистанца, како и сигурност за инвеститорот дека на соодветната дистанца нема да има проблем од локалното население. Нема да постои можност за рестартирање на Топилницата во Велес на старата локација, со што поддршката на оваа иницијатива  ќе биде и директна поддршка од сите граѓани на Македонија во борбата за велешани, додаде Јасна Стојановска од „Грашница“.


Оттаму, нагласуваат дека оваа идеја како невладини организации сакаат да ја презентираат со цел да се добие поддршка и помош во поднесување на иницијативата.

За поднесување на иницијативата се потребни 100 потписи, но од еколошките друштва сметаат дека ќе успеат да  соберат 300 по што ќе ја поднесат до Претседателот на Собранието на Р. Македонија.

Предлогот за дополнување на законот за животна средина  ќе биде презентиран и пред надлежните институции, министерствата и пратениците.

Деновиве, тимот на „Грашница“ работи предлог-иницијативата за која наскоро јавноста ќе биде запознаена со деталите и содржината и истата  ќе биде достапна за коментари и критики, дополнувања и измени.

OhridNews