Под раководство на Д-р Марјан Темовски, научен тим од Центарот за изотопска климатологија и проучување на животната средина при Институтот за нуклеарни истражувања во Дебрецин Унгарија и Хидробилошкиот институт од Охрид, денеска започнаа изотопски истражувања на Охридското Езеро. Деталите за истражувањата беа соопштени на прес конференција на која присуствуваше и амбасадорот на Унгарија во Македонија д-р Ласло Иштван Дукс.
– Првичната цел е утврдување на времето на задржување на водата во Езерото. Има претходно одредени податоци за тоа, но ова е за прв пат да се применуваат изотопни методи. Анализите се очекува да бидат завршени до крајот на годината, а резултатите ќе бидат соопштени и објавени следната година – истакна д-р Темовски.
Истражувањата во најголем дел ќе се фокусираат на староста на водата во Охридското Езеро и нејзините својства.
-Во наредните десет дена во соработка со Хидробиолошкиот институт од Охрид, користејќи ги нивните ресурси, ќе земеме најмалку 100 мостри од Охридското Езеро со цел да ја утврдиме староста на водата, начинот на мешање на истата, климатските карактеристики и други параметри значајни за науката. – рече д-р Ласло Палчу – Раководител на Центарот за изотопска климатологија и истражување на животната средина при Институтот за нуклеарни истражувања во Дебрецин – Унгарија.
Дополнително во Хидробиолошкиот институт во Охрид ќе се вршат хемиски анализи на примероци од вода од Охридското Езеро.
– Во нашиот институт ќе се вршат дополнителни хемиски анализи на квалитетот на водата, нутриниентно и органско оптоварување и присуство на тешки метали. – истакна д-р Елизабета Велјаноска Сарафилоска – директор на ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид.
Во рамки на меморандумот за соработка склучен минатата година помеѓу двете научни институции ќе се истражуваат и глацијалните езера на планината Јабланица и Пелистер.
Г.М.













