Министерството за внатрешни работи распиша тендер за набавка на 150 нови полициски возила со кој би се замениле постоечките возила „Крајслер“. Предвидено е возилата да бидат со дизел мотор  со зафатнина  1900 – 2300 ccm и моќност од 110 до140 KW.

Јавниот повик за прибирање на понуди ќе биде отворен 42 дена. Станува збор за купување на возила, а не лизинг, така што со потпишување на договорот и испораката на возилата, сопственик на возилата ќе биде МВР, информираат од министерството. Со набавката на возилата треба да се обнови возниот парк на МВР во делот на означените полициски возила.

Последна набавка на полициски возила беше пред 12 години, во 2000 година кога се набавени 210 патнички возила “Крајслер“ и 30 теренски (џипови), сите со бензински мотор. Набавените “Крајслери“ се во голема мера амортизирани. Во просек, секое од овие возила има поминато повеќе од 500.000 километри, а некои и повеќе. Голем дел од нив, околу 20 отсто веќе се неупотребливи и расходувани (околу 40 “Крајслери“). Годишните трошоци за сервисирање и одржување на крајслерите кои се во возна состојба изнесуваат околу 7.000 евра по возило, бидејќи само една замена на автоматскиот менувач изнесува околу 3000 евра. Просечната потрошувачка на гориво на овие возила изнесува над 14 литри на 100 километри.

OhridNews