На комеморацијата што се одржа денеска во изложбениот салон на Центарот за култура, претставници на локалната самоуправа, блиските соработници, колеги и пријатели се простија од д-р Никола Наумов, еминентен хирург и поранешен градоначалник на општината.


На комеморацијата на која присуствуваа членовите на семејството на д-р Наумов, од име на локалната самоуправа говореше градоначалникот Александар Петрески. Тој истакна дека со смртта на д-р Никола Наумов Охрид загуби голем хуманист и пред се човек.

– Д-р Наумов ја извршуваше функцијата градоначалник во еден турболентен период за Охрид и Република Македонија. Неговиот приод во извршување на оваа функција денес може да послужи за пример во извршување на обврските кон својот град и своите граѓани. Како вистински вљубеник во Охрид, д-р Никола Наумов никогаш не подлегна на притисоците и апатијата која му беше наметната. За него не постоеше партиска, верска или етничка различитост. Како лекар и етичар разликата ја правеше единствено на оние  кои знаат да работат и оние на кои им е потребна помош да научат да работат. Неговата скромност не му даваше да ги истакнува сите оние големи проекти кои се рализаираа во време на неговиот мандат, а кои значат многу за развојот на Охрид.-истакна актуелниот градоначалник, Александар Петрески.


Од име на лекарската фела од д-р Наумов се прости претседателот на Здружението на лекари на град Охрид, прим. д-р Илија Прангоски.

-Д-р Никола Наумов беше врвен хирург и личност која ги поседуваше највисоките професионални карактеристики. Имаше позитивни квалитети што го правеа комплетна личност и по кои беше препознатлив, не само во Охрид и не само во едно, туку во сите полиња на делувањето во неговиот живот.-рече д-р Прангоски.


Во име на вработените во одделението на хирургија при општтата болница, чиј основоположник е токму д-р Никола Наумов, говореше д-р Никола Симоноски. Тој истакна дека д-р Наумов беше врвен хирург кој беше исклучително ценет не само во земјата, туку и во регионот и пошироко.


Благодарност за искажаните зборови на утеха од име на семејството на д-р Наумов искажа Васко Ложанкоски, близок соработник на поранешниот градоначалник на општина Охрид.


Д-р Никола Наумов, почина на 23-ти април по кратко и тешко боледување. Тој ја извршуваше функцијата градоначалник на општина Охрид во периодот од 2000 до 2005 година. Во својот професионален ангажман беше раководител на хируршкото одделение при општата болница во Охрид и беше еден од основоположниците на хирургијата во Охрид.

OhridNews