Шефови со Мишелин ѕвезда ќе подготвуваат гастрономски специјалитети со локални производи, кои  ќе се најдат на менијата во угостителските објекти во Охрид. Еден од нив е италијанскиот шеф со Мишелин ѕвезда, Џорџо Дијана Тој за прв пат гостува во Македонија на манифестацијата „Taste Ohrid 2018“, што се одржува овој викенд. Неговите специјалитети ќе можат да се вкусат на гала вечерата утре, во ресторанот на „Su Hotel“.

-Да се подготви добра храна треба љубов и трпение. Ќе покажеме дека и со локални продукти може да се подготви извонредна храна иако нашите култури се различни. Јас сум Италијанец и имам работено долго во Германија, но Македонија има одлични продукти па ќе направиме одлична комбинација. – рече Шеф Дијана.

Меѓу специјалитетите кои ќе се подготвуваат на „Taste Ohrid 2018“, ќе биде „Охридска пастрмка во форма на Охридско Езеро“, „Јагнешко во боите на есента“…. Идеите за имињата на овие специјалитети ги даде Шеф Раду Зарнеску, претседател на романската асоцијација на кулинари, кој исто така ќе биде дел од настанот.

-Ќе користиме исклучиво локални проддукти, бидејќи се бориме против антиглобализацијата на гастрономијата, која е најрепрезентативен показател на локалното население, нивните вредности и традиција. – рече Зорнеску.

Во рамки на  „Taste Ohrid 2018“, на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, денеска, ќе се одржат мастер класови за студентите и гастрономите од градот, и за менаџерите на угостителските објекти, на кои ќе се подготвува храна и модерни менија од локални продукти.

-Овој настан го нарековме големо гастрономско освестување. Целта е стекнување на искуства од врвни готвачи со Мишелин ѕвезди, со цел да се поттикне развојот на локалната гастрономија и да докажеме дека локалните продукти можат да се подготвуваат на модерен и атрактивен начин. – истакна професорката Ангела Василеска од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид.

Настанот е поддржан од локалната самоуправа, која смета дека ваквите случувања може да помогнат во подобрување на туристичката понуда, но и времетраење на сезоната.

-Наша цел е продолжување на таканаречената зимска сезона, што позитивно ќе се одрази на целокупниот туризам и локалната заедница. – истакна градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски.

Во настанот е вклучен и туристичкиот кластер ЕДЕН, кој викендов ќе организира две велосипедски тури.

– Се продлабочува соработката на приватниот сектор со општината и ФТУ, клучните чинители во туризмот, за подобра иднина на сите нас. – рече Александар Јованоски, од кластерот ЕДЕН. Тој посочи дека туризмот го прават приказните и легендите, кои, на некој начин биле запоставувани до сега, истакнувајќи дека токму затоа во најавата за претстојните велосипедски тури за Галичица се користи поимот Спиридон, кој го имало во стари мапи од 19 век.

Меѓу другите гостински готвачи кои ќе ја збогатат гастрономската понуда на „Taste Ohrid 2018“, се и српскиот шеф Ѓорѓе Крстиќ и македонскиот шеф Дејан Карапеев.

Покрај светските специјалитети кои ќе бидат понудени на дегустација, интересна за посетителите ќе биде и понудата на реинвентирани македонски традиционални рецепти. Имено, користејќи локални производи локалните шефови Давид Санџакоски и Никола Ангелкоски, денеска ќе приготват нови вкусови за бесплатна дегустација на „After Work Sunset Party”, со почеток од 17 часот пред „Su Hotel“.

Настанот „Taste Ohrid 2018“ е организиран од Општина Охрид и ЕДЕН – туристички кластер за југозападна Македонија, а поддржан од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост.

Г.М.