Министерството за информатичко општество и администрација веќе подолго време презема активности со цел реализација на позитивните практики и искуства од  развиените општества, а кои се однесуваат на процедурите за вработување на лица во државните институции преку системот на заслуги и вработувањето на припадниците на помалите етнички заедници .

Ова денес во Охрид го изјави министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски кој го отвори дводневниот меѓународен семинар „Вработувањето според заслуги и правична застапеност“.

Тема на собирот се токму искуствата по овие прашања во земјите како што се Белгија, Канада, Ирска, при што македонските учесници имаат можност да добијат појасна слика за тоа што овие земји имаат досега направено на ова поле.  

– Тие примери се добредојдени како помош во изработката на новиот закон за администрација, за да можеме да донесеме појасна легислатива што ќе помогне системот на вработување во Република Македонија да биде според заслуги, рече министерот Ивановски.

Дел од измените веќе се применети во постоечкиот систем, според кој само најдобрите петмина на тестовите добиваат можност за интервју со одговорните за вработување во институцијата во која апплицирале. Сепак, се предлагаат и  дополнителни механизми преку кои за секоја позиција би имало јасно утврдени параметри со цел јасно да се знае кои се особеностите што кандидатот мора да ги поседува за да може да аплицира за посакуваната работна позиција.

Ивановски додаде и дека со последните измени на електронскиот систем за тестирање при вработување, се елиминираат негативните искуства и појавите на непотизам или политичка припадност при аплицирањето за определено работно место. Ккао што потенцира министерот, само најкомпетентните ќе можат да ги положат тестовите, при што голема улога има и просекот од  образованието. За било која позиција и било кое работно место на интервју ќе одат само најдобрите кандидати. Се размислува изборот на најсоодветниот кандидат да го избира комисија, преку системот стопроцентна заслуга.

Меѓународниот семинар е во организација на Министерството за информатичко општество и администрација, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и заедничката иницијатива на Организацијата за економска соработка и развој и Европската унија „СИГМА“.

OhridNews