Бошкова не можеше да ги сокрие емоциите што проекцијата на филмот и по толку изминати години предизвикува голем интерес, како и поради можноста уште еднаш тој да се проследи на големото платно.
Освен Бошкова, на проекцијата присуствуваа и актерката Љупка Џундева и тогашниот асистент на режија, Александар Ѓурчинов, кои со присутните споделија дел од своите доживувања за време на снимањето на филмот.
– Неизмерно ми е драго што режисерот Димитрие Османли ми ја додели главната улога во филмот. Бев многу среќна што работам со моите повозрасни колеги. Додека се снимаше филмот времето беше прекрасно, а уште поголемо задоволството беше да се работи со екипа која уживаше во тоа и која со многу љубов се трудеше да создаде филм кој ќе биде најдобар. И од тогаш Охрид е мојата љубов, љубовта на мојата младост, рече понесена од емоциите актерката Џундева.
Публиката, гледајќи го филмот, имаше можност да се потсети на Охрид како што изгледаше пред 50 години, познатите локации како што се Канео, чаршијата, Самоиловите тврдини, стариот дел од градот, Чинарот, хотелот Палас.
Снимањето на филмот “Мирно лето” започнало на 25 септември 1960 година и траело до декември истата година. Премиерата во Скопје се одржала на 18 април, наредната година. За само четири дена од прикажувањето, филмот го проследиле 17.000 луѓе.
Проекцијата на филмот ја овозможи Кинотеката на Македонија, во соработка со продуцентот Вардар филм и фестивалот Охридско лето.