Мораториумот за градба, односно одлуката за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистички планови и постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, изгласан во месец август, го одложи и почетокот на функционирањето на стационарот во Мауцкер.

Како што објаснува Бранко Арнаудоски од Секторот за урбанизам при локалната самоуправа, иако е во завршна фаза, потребната документација чека на завршувањето на мораториумот.

  • Просторот кај Мауцкер е вон планска документација и се решава со изработка на локална урбанистичка планска документација за тој комплекс. Со мораториумот што е донесен, постапката е застаната иако документацијата е во завршна фаза. Кога ќе заврши мораториумот ќе се достави до општината за да се усвои, а потоа ќе се испрати и до Агенцијата за храна и ветеринарство за да се добие потребното одобрение за старт со работа на стационарот, објаснува Арнаудоски.

Како што претходно изјави директорот на ЈП „Охридски комуналец“, Љупчо Грданоски, стационарот е подготвен за работа, се чека само на потребното одобрение. Склучен е договор за вршење ветеринарни услуги, како и договор за набавка на храна за кучињата, вработен е шинтер, набавени се возила. Изградени се пет кафези со површина од десет метри квадратни и десет метални кафези од пет метри квадратни површина. Во надворешниот дел од стационарот уредено е место за рашетување на кучињата, според законот за благосостојба на животните.

Т.К.