Синоќа во Куќата на Уранија беше одржан завршен концерт на студентите од Факултетот за музичка уметност од Скопје, учесници на првата Летна музичка работилница која од 28-ми јуни од 3-ти јули се одржа во рамките на манифестацијата Научна и уметничка визита.
На програмата беа дела од Бах, Вивалди, Барток, Дијанс, Бариос, Жен, Верди, Чајковски, Дербенко и Ган, во изведба на Тамара Џајковска, Даниела Петковска, Емил Чичоновски, Стефан Волчевски, Ереш Оскар, Влатко Груевски, Вариса Ајдарпашиќ, Ѓорѓи Петровски, Љупчо Колевски, Ѓорѓе Ќириќ, Трајче Гогов и Андреј Наумов.
„Со овој завршен концерт на првата летна музичка работилница која неслучајно се одржува денеска, на празникот „Св. Наум Охридски“, се востанува една традиција, а тоа е секоја година во овој период во Куќата на Уранија, заедно со Факултетот за музичка уметност, да се одржува ваква работилница која ќе финишира со концерт на 3-ти јули. Оваа куќа не е само на Македонската академија, туку и на уметноста и културата во Охрид.“ – рече пред присутните, академик Владо Камбовски.
Тој ги пофали учесниците на Летната музичка работилница, односно професорите и студентите во класите по флејта, виолина, соло-пеење, гитара и хармоника на Факултетот за музичка уметност – Скопје.
„Не можам да најдам зборови за да го изразам моето задоволство од програмата која ја чувме денеска. Овие студенти ќе бидат наши врвни уметници, можеби идни членови на Академијата. Да им посакаме да постигнат најмногу што можат.“ – порача Камбовски.
Академик Камбовски истакна дека со овој завршен концерт, истовремено се отвора уметничката програма на манифестацијата „Научна и уметничка визита 2014“, која ќе се одвива во текот на месеците јули и авугст.
„Програмата се состои од повеќе изложби и книжевни вечери. Ве поканувам да ги следите сите активности. Овој настан е важен, затоа што на овој начин го населуваме со уметност секој агол од оваа куќа, која долго време беше напуштена.“ – истакна Камбовски.
Учеството на Факултетот за музичка уметност на Летната музичка работилница во рамки на „Научната и уметничка визита“ е резултат на потпишувањето на договорот за соработка помеѓу Македонската Академија на науките и уметностите и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со што е интензивирана соработката со факултетите на Универзитетот, процес во кој е вклучен и Факултетот за музичка уметност – Скопје.
„Ни претставува особена чест и задоволство да учествуваме во овој проект. Ваквата соработка со МАНУ и Охридскиот центар „Уранија“ е од големо значење за Факултетот за музичка уметност како дел од УКИМ и претставува вистински поттик за нашите млади уметници и нивните професори.“ – вели Деканот на ФМУ – Скопје проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска.
Инаку, манифестацијата „Научна и уметничка визита 2014“ е организирана од Македонската Академија на науките и уметностите и Охридскиот книжовен и научен центар „Уранија“.
O.T.