Во чест на основоположникот на идеата за движењето на Црвениот крст, Анри Динан, утре се одбележува Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, а до 15-ти мај се Недела на овие две хуманитарни организации.
По тој повод и под мотото „Мојата приказна во Црвениот крст“, Црвениот крст Охрид организира повеќе активности.
Најпрво во 10 часот, ќе има прием во седиштето на Црвениот крст од Охрид, каде сите заинтересирани преку промотивни материјали и презентации од страна на волонтерите, ќе имаат можност да се запознаат со мисијата на движењето на ЦК и активностите на општинската организација.
Во 11 часот, делегација на ОО ЦК Охрид, општина Охрид и Здружението „Анри Динан“ од Струга ќе положат свежо цвеќе пред бистата на Анри Динан во Охрид, а во 12:30 часот ќе биде отворена втората по ред изложба на „Арс Вивенди“ клубот во Центарот за култура „Григор Прличев“.
Во петок со почеток од 12 часот на градскиот плоштад ќе биде промовирана и програмата и активностите на Црвениот крст Охрид во рамките на одбележувањето на Денот на Европа, додека во недела во 12 часот на потегот од плоштадот до СРЦ „Билјанини Извори“, на повеќе пунктови ќе се реализира 43-от Општински натпревар по прва помош.
Исто така, на 15-ти мај во селото Белчишта ќе биде одржан хепенинг со спортско-културни содржини.
OhridNews