Со звуците на „Билјана платно белеше„ и „Охрид, Охрид убав мил“ во изведба на учениците од ОУ „Григор Прличев“,  започна свечената седница на Советот на општина Охрид, по повод одбележувањето на 67- годишнината од ослободувањето на Охрид.


Како што истакна во своето обраќање пред бројните гости, градоначалникот Александар Петрески, постои одговорност да се почитува она што со крв е спечалено, да се чува слободата и независноста и да се развива сопствената држава.


– Тоа треба да го прават сите граѓани, а посебно ние кои вршиме важни општествени и политички функции. Ве уверувам дека јас како градоначалник и локалната самоуправа, сме одговорна власт и макотрпно работиме да придонесеме и да оставиме белег во современиот развој на Охрид. Верувам дека денешниов ден ќе остане вечен паметник за сите идни генариции, за да се слават сите оние кои во херојската антифашистичка епопеја, го остварија идеалот на сите генерации Македонци и охриѓани- да живеат во слобода и сопствена држава, истакна Петрески.

Од страна на присутните учесници во НОВ беше потенцирано дека денес се слави еден од најсветите датуми од историјата, денот кога Охрид ја доби својата слобода.


– Како млада генерација, пред 67 години со оружје во рака се ослободивме од тираните и ставивме крај на ропството. Секогаш треба да бидеме заедно во сочувувањето на слободата и самостојноста во која сега живееме, рече охриѓанецот Сотир Пирузе, учесник во НОВ.

По свечената седница претседателот на Советот на општина Охрид, Душко Јаковчески, прими делегација од Организацијата на Сојузот на борци од општините Охрид и Дебарца.


Во рамки на одбележувањето на празникот, денес, од страна на градоначалникот  Александар Петрески беа пуштени во употреба неколку реконструирани и новоасфалтирани улици во градот, меѓу кои улиците “Јабланица“,  „Пере Тошев“,  „Васил Стефоски“, а во употреба беше предадено и новото детско игралиште  во рамки на детстката градинка- објект  „Росица.


Чествувањето продолжува во 18 часот во Центарот за култура “Григор Прличев” каде ќе се одржи свечена приредба на децата од Детската Градинка “Јасна Ристеска”, установата која денес го одбележува својот Патронен празник.

OhridNews