Со низа настани Охрид ќе го одбележи празникот Св. Климент Охридски – патронот на градот.

Програмата започнува на 6-ти декември во НУ Библиотека „Григор Прличев“ (Прличева одаја) со прогласување на д-р Наум Целакоски и д-р Павле Митрески за почесни членови на Библиотеката со почеток во 12.00 часот. Продолжува со музички концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче” во 17 часот во ОМУ „Методи Патче” (концертна сала), по што следува изложба „Охридскиот регион – универзален духовен и природен раскош“ од Нина Ангелоска во ОСУ Св. Климент Охридски (втор спрат) од 18.00 часот, а во 19.00 часот свечена приредба на ООУ „Св. Климент Охридски“ во НУЦК „Григор Прличев“ (голема сцена).

Следниот ден, на 7-ми декември, во Општина Охрид (голема сала) ќе биде одржана промоција на Книгата за светите браќа Климент и Наум од проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски во 12.00 часот, а од 19 часот во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Григор Прличев” ќе биде отворена традиционалната изложба на Фото клуб – Охрид. Од 19.30 часот во НУ Центар за култура „Григор Прличев“(галерија) ќе биде поставена изложба на учениците од ОСУ „Св. Климент Охридски“.

Свечената академија по повод 8-ми Декември, Денот на Свети Климент Охридски – Патрон на Охрид ќе се одржи на 7-ми декември во НУ Центар за култура Григор Прличев (голема сцена) во 20.00 часот, информираат од Општина Охрид.

Програмата за чествување на Свети Климент Охридски продолжува во четврток на 8-ми декември со поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастир „Свети Климент и Пантелејмон”- Плаошник, во 10.00 часот. Потоа е предвидени полагање свежо цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски во училишниот двор на ООУ „Свети Климент Охридски“ во 11.00 часот, како и полагање свежо цвеќе на момументалниот споменик на Свети Климент Охридски на градскиот плоштад и врачување награди на најдобрите поетски творби на наградниот ученички литературен конкурс по повод Патронот на Охрид на градски плоштад „Свети Климент Охридски“ во 12.00 часот.

Програмата се заокружува со настап на Македонските фолклорни ансамбли во чест на Свети Климент Охридски во НУ Центар за култура Григор Прличев (голема сцена) од 17.00 часот.

OhridNews