По повод одбележувањето на двата историски датуми: 113 години од Илинденското востание и 72 години од Првото заседание на АСНОМ, во земјава се одржаа низа настани. Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов во својот говор во Меморијалниот центар во Пелинце, истакна дека денес повеќе од кога и да е порано, потребен е процес на национално помирување во земјата.

„Како што во 1941 година се сплотивме за да се избориме за слобода и државност, како што во 1991 се сплотивме за да прогласиме независност и сувереност, така и денес треба да се сплотиме за да ја зачуваме слободата и државноста, независноста и сувереноста на Република Македонија“, рече Иванов. Тој посочи дека иако 25 години сме независни, денеска изгледаме како зависници од туѓи интереси и планови. „Цинизмот е сеприсутен. Наместо да се издигнуваме, ние со зборовите се понижуваме. Станавме политички поларизирано општество, запоставувајќи ја политичката култура. Станавме заложници на омразата кон другиот.“ Иванов го поздрави договорот постигнат меѓу политичките партии за надминување на политичката криза, посочувајќи оти сега доаѓа потешкиот дел.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски положи цвеќе пред споменикот на АСНОМ во паркот „Жена борец“ во Скопје. Оттаму тој повика на единство и обединување, потенцирајќи дека за Македонија останува приоритет членството во НАТО и во ЕУ. „Како прв меѓу еднаквите пратеници уште еднаш повикувам на обединување на сите политички структури зад големата идеја на Македонија. Повикувам на дополнително обновување на меѓусебната почит и разбирање помеѓу политичките партии. Тие не смеат да бидат непријатели и мораат да бидат конкуренти кои имаат иста цел. Македонија е нашата заедничка цел.“ Осврнувајќи се на политичката криза, Вељаноски рече дека народот предолго е заложник на една непринципилена политика и оти Македонија повеќе од една година е предмет на еден непринципиелен политички однос кој ги разградува нејзините државотворни темели и е под константен притисок за неправедна промена на основните начела на кои почива современата претставничка демократија.

Во Крушево изутрината беа положени цвеќиња на гробот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев во Македониумот на Гумење и беше оддадена почит на загинатите востаници во битката кај месноста Слива. Пред загинатите илинденци се поклони и делегација на Владата на Република Македонија, предводена од премиерот Емил Димитриев. Во своето обраќање на Мечкин Камен, Димитриев повика на единство на сите расположливи капацитети во државата во процесите за развој и просперитет на татковината, велејќи дека таквиот пристап и искрена волја посебно е потребен во овие моменти кога државата подолг временски период е вовлечена во политичка криза.