Во основните училишта во Охрид со низа свечености и културно- уметнички програми беше одбележан почетокот на новата учебна година.


На свеченоста во Основното училиште  “Христо Узунов” присуствуваше и градоначалникот Александар Петрески.

– Нека е честит почетокот на новата учебна година  и  денот  кој особено ќе го паметите вие , првачињата кои денеска ќе седнете во училишните клупи . Со овој чин, ние ја искажуваме својата гордост и гордоста на вашите родители, бидејќи созреавте  за да можете да се соочите со најголемиот предизвик пред вас, да учите, да се образувате и да станете еден ден генерација на нови градители на развојот на општеството. Учениците од повисоките одделенија , веке добро знаат што значи да се учи, да се биде добар ученик и да планирате да станете идни стручњаци во некоја област од животот, рече во своето обраќање Петрески.


Присутните ги поздрави и директорката на училиштето Оливија Пирузева- Јанева, која пред се им посака срдечно добредојде на  првачињата.

– Од денес започнува нова епизода од вашето детство. Ова е прва наша средба и прва средба со училиштето во кое во текот на наредните години ќе го стекнете своето основно образование. Тоа ќе биде средината која вие ќе ја почувствувате како свој втор дом, а вашата учителка како најблиска особа, на која ќе можете да и ги кажете сите свои размислувања, тајни, желби…. Со целосно залагање на вашите наставници од ова училиште ќе излезете подготвени да се соочите и успешно да ги совладате сите предизвици кои ве очекуваат во животот, истакна меѓу другото Јанева- Пирузева.


Весело беше и во останатите училишта, каде со песна и игра, во весела атмосфера се одбележа првиот ден од новата учебна година. 

OhridNews