Рекордни 1930 учесници од 28 држави ќе бидат дел од седмото издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ 2023“, што се одржува од 2 до 4 јуни. Официјалниот почеток беше означен денес со прес конференција на која беа соопштени деталите и програмата во која се предвидени бројни активности.

Имаме 1930 учесници од 28 држави, 320 на полумаратон, 50 во шатфетен полумаратон. Бројките навистина многу брзо ни растат. Не охрабрува процентот на странски тркачи кој изнесува 46 и се надеваме дека во тој дел уште повеќе ќе растеме. Ако е ова некој официјален дел на „Охрид трчаТ“ нека биде и официјален почеток на успешна туристичка летна сезона во Охрид. Како организација ни е императив се тоа што организираме да е надвор од главната сезона за да можеме бенефитот на охридската заедница да го зголемиме. „Ohrid running weekend“ денес официјално започнува со ноќната трка, која е надвор од конкуренција, а утре имаме многу социјални активности, од посета на Свети Наум, крстарење, традиционално и панел дискусија од 17 часот на тема „Регионалната соработка VS спортските настани“. Во овие три дена имаме еминентни гости меѓу нив директорите на Дубровник маратонот и Белград маратонот, како и директорот со потекло од Македонија, Сашо Беловски, од RunCzech маратонот, истакна Иван Цветкоски од организациониот одбор на „Охрид трчаТ“ и директор на трката.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, истакна дека постојаното зголемување на учесници од година во година на „Охрид трчаТ“, говори дека е постигната целта. Нему му беше врачен и стартиот број 1 за трката на 5 килкометри, а тој најави дека планира на некое од идните изданија да истрча и полумаратон.

Сите ние сфаќаме колку е значајно спортувањето и физичката активност, како и дружењето и рекреирањето. Годинава имаме рекорден број учесници на „Охрид трчаТ“, а овој настан претставува и најава на претстојната туристичка сезона. Странските учесници на настанот одблиску ќе го запознаат Охрид и неговата убавина, секако и изобилството на историски и културни знаменитости. Верувам дека покрај настанот „Охрид трчаТ“, ќе не посетуваат секоја година, додаде Пецаков.

 

Одговарајќи на новинарско прашање, потенцираше дека преку двата настани „Охрид трчаТ“ и „Фестивалот на водени спортови“ кој стартува летово, од кои со едниот се отвора, а со другиот се заокружува туристичката и спортската сезона, ќе овозможат преку спортот да се привлечат поголем број туристи во Охрид.

Во август ќе имаме една недела „Фестивал на водени спортови“. Се надевам дека ќе е добар пример и дека таа манифестација ќе го следи успехот на „Охрид трчаТ“ овие седум години. И се надевам дека овие две манифестации ќе имаат удел во вкупната бројка на туристи кои ќе не посетат првично поради манифестациите, а потоа и за уживањето во убавините на Охрид, додаде Пецаков.

Јоне Станкоски, спортски директор на „Охрид трчаТ“, истакна дека денес со почеток во 21 часот ќе биде одржана ноќната трка која е комбинација на забавно-рекреативно трчање и музика и таа претставува симболичен старт на „Ohrid Running Weekend“. Должината на патеката е 2км, а стартот е кај Куба Либре.

Се трча по патеката Студенчишта во правец на Кеј Македонија до самото езеро, се продолжува со трчање на Кеј Македонија до големиот јарбол со македноското знаме кај пристаништето на Охрид и потоа се врти десно и се продолжува на шеталиштето Кеј Македонија до пред Хотел Палас каде што се наоѓа финишот. После трката има концерт со Ѓоко Танески и Никола Тони и хуманитарна Паста забава. Оваа година Паста забавата се реализира во соработка со ОУТУ “Ванчо Питошески”, информираше Станковски.

Денес веќе е отворено Експото кое ќе трае до 20 часот и истото продолжува во сабота. Попладнето од 18 часот предвидено е загревање со „Стречвел Србија“.

Годинава имаме рекорден број учесници, но и вклучени луѓе во самата организација, над 250 волонтери, над 50 судии и околу 100 други лица. Во недела се трите трки на 21К, 5К и штафетниот полумаратон. Стартот на трките е во 8 и 30 мин на 21К и штафетниот полумаратотн, додека трката на 5К е пет мин подоцна. Се враќаме на старата патека која беше од пред две години. Штафетниот полумаратон и трката на 21 км се трчаат во два круга. Стартот е на „Кеј Македонија“, па се продолжува по „Македонски Просветители“, „Партизанска“, се врти лево кај Гимназијата, по „Димитар Влахов“ повторно се излегува на „Македонски Просветители“, на булевар „Туристичка“, лево кон Горна Порта, по Илинденска се спушта надолу, по Кејот и се продолжува до кружниот тек пред плажата „Горица 2“. Се враќаат назад, преку мостот кај „Ројал“, се врти десно и се оди повторно кај Гимназија. Се врти уште еден таков круг и третиот пат се оди на финиш, по „Димитар Влахов“ се врти лево на „Македонски Просветители“ до целта на Кеј. Трката на 5 км ја има истата траса, кога ќе се стигне на кај „Ројал“ се врти лево и повторно лево кај Комерцијална банка, по „Партизанска“ на „Македонски Просветители“ до стартот, односно финиш зоната, истакна Станковски.

На тркачката патека има 12 освежителни пункта, а 8 медицински екипи ќе се грижат за безбедноста на тркачите на исто толку пунктови, како и мобилни медицински екипи на велосипед, кои ќе бидат во функција на тркачите.

Наградниот фонд за победниците на 21К е 300, 200 и 100 евра во машка и женска конкуренција, а тие ќе добијат и бисери од Филеви.

За седмото издание на „Охрид трчаТ“ во целата организација се вклучени над 400 волонтери. Организаторите упатуваат апел до граѓаните да се воздржат од излегување со автомобил или да користат алтернативни патишта во периодот од  8 до 11.30 часот во недела, кога улиците каде ќе трчаат натпреварувачите ќе бидат затворени за сообраќај.

OhridNews