Секторот за внатрешни работи Охрид, презема интензивни мерки за пронаоѓање на три лица, учесници во кривичното дело насилство, случено синоќа на улицата „Јане Сандански“.

Околу 22 часот и 10 минути синоќа, врз лицето Д.Ј.(22) од Скопје, извршен е физички напад со употреба на нож, при што нанесена му е влезно-излезна рана во пределот на левата подколеница. Повредениот, веднаш е пренесен во општата болница во Охрид, каде, се констатирани лесни телесни повреди и укажана му е неопходната лекарска помош.

Кривичното дело насилство, се случило во момент, кога Д.Ј. влегол во такси патничко моторно возило, при што физички бил нападнат од три лица. Тие пробале да го извадат надвор од предното десно седиште на возилото и започнале да го удираат со тупаници по целото тело. Во еден момент, еден од тројцата напаѓачи, извадил нож со кој го прободил Д.Ј. во пределот на левата подколеница, по што веднаш избегале.

Секторот за внатрешни работи Охрид има сознанија за идентитетот на тројцата напаѓачи и активно работи на нивно пронаоѓање и приведување, по што ќе биде поднесена кривична пријава. 

OhridNews