Со огномет и голема забава, по петти пат, камперите од авто кампот Љубаништа, го одбележаа крајот на летната сезона.
Прославата почна во попладневните часови кога се правеа подготовките за логорскиот оган, а заврши во раните утрински часови. Прекрасната атмосфера исполнета со дружење, убава музика и скара ја надополни огнометот, после кој следуваше полноќното традиционално капење на децата од кампот.
– Ова е прекрасен настан кој веќе премина во традиција, со кој завршува летното дружење на камперите кои се разделуваат со мисла дека следната година повторно ќе дојдат тука, да се дружат заедно и да уживаат во убавините на Охридското езеро и прекрасната Галичица, велат учесниците на настанот.
Настанот што пред пет години, го започна спонтано помала група кампери за да се одбележи крајот на деновите поминати во дружење и одмор покрај езерото, од година во година е се помасовен. Годинава учествуваа стотина возрасни и деца од различни градови од цела Македонија.
OhridNews


















