Во весела атмосфера и со голем број гости, синоќа Вевчани ја дочека православната Нова година.

Покрај креативни маски кои се неодминлив дел од „Вевчанскиот Карневал“, присутните имаа можност да уживаат во настапите на Миле Кузманоски, Сузана Спасовска и етно составот „Теодулија“ од Србија, а охриѓанецот Ефто Пупиноски и неговата „Лихнида кајче веслаше“, за прв пат „запловија“ во вевчанските води, надополнувајќи ја богата музичка програма.

Посетителите имаа можност да купат маски и да бидат дел од василичарската поворка, која оваа година под слоганот „Биди и ти вистински Василичар“, започна на 10-ти јануари.

Како што велат вевчанци, тринаесети јануари  е „Ден кога „се’ е дозволено“, а греената ракија и црвеното вино се неизоставен дел од забавата која трае до раните утрински часови.

Инаку, карневалот завршува денес, со традиционалното дефиле на маски кое ќе започне во 13 часот. 

О.Т.